Дали работникот има право на приговот против Одлуката за отказ на договорот за вработување со и без отказен рок?

-
Дали работникот има право на приговот против Одлуката за отказ на договорот за вработување со и без отказен рок?

ОДГОВОР:

Работникот има право на приговор против Одлуката на работодавачот за отказ на договорот за вработување на работникот без разлика дали отказот е со отказен рок или без отказен рок. Правната поука во Одлуките за отказ на Договорот за работа со и без отказен рок во која се наведува правото и рокот на приговор се задолжителен елемент на Одлуката за отказ.

Според член 91 од Законот за работните односи (“Службен весник на РМ” 62/05…120/18), против одлуката за отказ на договорот за вработување со и без отказен рок, работникот има право на приговор до органот на управување или работодавачот.

Приговорот се поднесува во рок од осум дена од денот на добивање на одлуката за откажување на договорот за вработување.

Одлуката по приговорот се донесува во рок од осум дена од денот на поднесувањето на приговорот.

Приговорот против одлуката за откажување на договорот за вработување без отказен рок, во смисла на член 82 и 83 од ЗРО, не ја задржува од извршување одлуката за отказ, односно писмениот налог.

Приговорот против одлуката за откажување на договорот за вработување со отказен рок го одлага извршувањето на одлуката за отказ до донесувањето на конечната одлука по приговорот, која се донесува во рок од осум дена од денот на поднесувањето на приговорот.

Кога не е донесена одлука по приговорот или кога работникот не е задоволен со одлуката донесена по приговорот, има право да поведе спор пред надлежниот суд во рок од 15 дена.

По барање на работникот синдикатот може да го застапува работникот во постапката по приговор.