Прогресивниот данок се става во мирување, следните 36 месеци личниот доход ќе се даночи со 10 проценти – најава од Министерство за финансии

-

Прогресивниот данок се става во мирување, следните 36 месеци личниот доход ќе се даночи со 10 проценти

Примената на прогресивниот данок на личен доход се става во мирување на 36 месеци. Во овој период, доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи ќе се оданочува со стапка од 10 проценти.

Во мирување ќе биде ставена и стапката од 15 проценти, што значи дека стапка од 10 проценти ќе се применува и за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, најавувајќи ги измените на Законот за данок на личен доход, кои се очекува да почнат да се применуваат од почетокот на 2020 година, рече дека во текот на овие 36 месеци, Министерството ќе се посвети на утврдување на соодветно решение за ефикасна и ефективна примена на прогресивното оданочување, со разгледување на различните мислења, со подигнување на даночниот морал и со јакнење на механизмите за минимизирање на сивата економија.

-Владата верува во праведно општество и верува во придобивките на прогресивниот данок на доход. Владата останува на ставот дека прогресивен данок може да ја подобри распределбата на доходот во  системот, дека може да даде добри општествени ефекти и да резултира со поправедно и поразвиено општество. За да се постигне ваков ефект, прогресивниот данок треба да има оптимален дизајн, да биде донесен во консултативен процес со сите засегнати страни, да постојат ефикасни механизми за елиминирање на сивата економија и да има зајакната доверба во институциите кај сите нас.

Затоа, не станува збор за укинување на прогресивниот данок туку за ставање во мирување – укажа министерката Ангеловска. Таа додаде дека целта на измените во даночниот систем е тој да биде правичен, праведен и да ги вклучува сите. Данокот треба да го плаќаат сите, но на едноставен начин, без оптоварување.

Освен ова, од први јануари нема да стартува оданочувањето на капиталните добивки од хартии од вредност.

-Значаен исчекор е дека решението кое ќе стапи на сила од 2023 година ќе биде уште сега познато на јавноста и преточено во законско решение. Со него, уделите од инвестициките фондови кои со сегашното решение беа изоставени, ќе се вклучат во оданочувањето. Се воведуваат 2 даночни стапки, зависно од периодот на поседување на хартиите од вредност и уделите, односно, стапка од 15 проценти за сите оние кои шпекулативно тргуваат на пазарите на капитал, односно истите ги држат кај себе до една година и стапка од 10 проценти со која ќе биде даночен доходот од капиталните добивки од хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, кои инвеститорите ги чуваат од 1 до 10 години. Ослободени од овој данок ќе бидат долгорочните инвеститори кои хартиите од вредност и уделите издадени од инвестициски фонд ги чуваат повеќе од 10 години од денот на продажбата, но и хартиите од вредност стекнати од иницијална јавна понуда, со цел охрабрување на компаниите за првично отварање кон јавноста преку издавање на акции по пат на иницијална јавна понуда-појасни Ангеловска.

Особено важна работа е обврската која се спремни да ја преземат сите инволвирани страни – Македонска берза, Комисијата за хартии од вредност, Централниот депозитар на хартии од вредност, да се ангажираат во градењето на електронски-поврзан систем со кој спроведувањето на одредбите од Законот нема да биде оставен на товар и волја на граѓаните, а данокот автоматски ќе биде пресметан и уплатен во Буџетот. – истакна Ангеловска.

Се одложува и примената на данок на камати од депозити од први јануари 2020. Како што образложи Ангеловска, одлуката за одложување се базира на потребата од нормативно доуредување за известување од страна на банките и штедилниците, како и поедноставување на администрирањето на данокот предку предностите што ги овозможува технологијата.

Воедно, одложувањата на примената на двете даночни решенија ќе резултира со изедначување на третманот на заштедите со долгорочното инвестирањето на граѓаните пазарот на капитал.

Измените на Законот за данок на личен доход се очекува да се применуваат од јануари 2020 година.

Погледнете ја презентацијата за истражувањето направено од страна на Министерството за финансии: Презентација за данок на личен доход