Донесени измените на Законот за извршување- задршка од плата за извршување до 1/5 наместо досегашните 1/3

-

Изгласани измените на Законот за извршување. Задршка на плата поради извршување најмногу до 1/5.

Собранието на Република Македонија на 16/01/2020 година ги изгласа најновите измени и дополнувања на Законот за извршување.

Целта  на измените на Законот за извршување е олеснување на финансиската состојба на  граѓаните на Република Македонија, и истите се  во насока на целосно изземање од извршување на корисниците на помош согласно прописите од социјална заштита,  Законот за заштита на децата и прописите  за социјална сигурност за старите лица. Законот предвидува смалување на паричните износи кои може да се зафатат со присилно извршување за лицата приматели на просечна плата и пензија, децата корисници на семејна пензија, како и хранителските семејства кои згрижуват деца од 1/3 на 1/5 од платата, пензијата, односно надоместокот.

Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување  содржи 4 члена.

 

Со членот 1 целосно се изземаат од присилното извршување примањата на граѓани кои се корисници на гарантирана минимална помош  од социјалната заштита,  примањата на децата согласно Законот за заштита на децата, како и примањата за социјална сигурност  на старите лица, согласно прописите за социјална сигурност на старите лица,

 

Членот 2  ги  дополнува ограничувањата на извршувањето и тоа од 1/3 на 1/5 од плата и пензијата  за лицата приматели на просечна плата и пензија, надомест на трошоци  за сместување на лице и надоместок за згрижување  на згрижувачко семејство, како и  за децата корисници на семејна пензија.

 

Членот 3 предвидува  примена на законските одредби и за веќе започнатите извршувања, со оглед дека овој закон е поповолен за граѓаните и е во склад со членот 52 став 4 од Уставот на Република  Северна Македонија.

 

Членот 4 ја уредува примената на законот.

 

Овој закон ќе влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Северна Македонија, односно во зависност од денот на објавување во службен весник, Законот се очекува да влезе во сила на крајот на јануари 2020 година.