Владата со сет економски мерки поради кризата со вирусот Covid 19

-

ЕКОНОМСКИ МЕРКИ ПРЕЗЕМЕНИ ОД ВЛАДАТА ПОРАДИ КРИЗАТА СО ВИРУСОТ Covid 19

Првата мерка се однесува на директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија. Обезбедени се вкупно 5.7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании поради неликвидност, односно компании чија што економска активност е погодена од коронавирусот. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра.

Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Она што е овде важно е дека овие кредити се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти, грејс периодот  ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години.

Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати. Владата обезбедува Субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година.

Условите за користење на оваа мерка се следните:

–           Компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020та година,и ова да важи од денот на користење на мерката; понатаму,

–           Компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односнофинансиски извештаи за 2020 година; и

–           Компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката.

Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50% од добивката пред оданочување што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на кoмпаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради корона вирусот.

Во однос на работењето во фабриките и погоните каде работат голем број на работници, Владата препорачува да се реорганизира работата во смени, по потреба и во 4 смени, посебно во компании со поголем број на вработени. Ова ќе го намали бројот на вработени по смена и ќе овозможи тие да не бидат во близок контакт. Владата исто препорачува дезинфекција на фабриките и работните површини после секоја смена. Ова е од интерес и на вработените, и на компаниите и на јавното здравје. Понатаму, заради овозможување на непречен влез и транзит на товарни возила, Санитарен инспекторат преку Макамтранс ќе дава дозвола за влез со цел да има непрекината трговска размена. Овие товарни возила и лица ќе влезат во РСМ според посебни услови за заштита согласно протоколот на Министерството за здравство.

Министерството за финансии ќе ги ослободи од аконтациите од данок на добивка фирмите од индустриите погодени од коронакризата за април, мај и јуни. Тука најпрво спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од различни дејности погодени од кризата со корона вирусот.

Министерството за економија ќе достави до Владата и предлог за 100 процентно ослободување од царинските давачки за производите од брашно и пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни и марамчиња, рачни капи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати средства за дезинфекција, медицински алкохол, заштитни наочари.

Исто така и НБРМ презеде сет на мерки меѓу кои и намалување на  основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75% треба да придонесе за натамошно намалување на цената на финансирање на претпријатијата и населението.