Уредби со законска сила од седница на влада одржана на 25.03.2020 година

-

Владата донесе нови уредби со законска сила на својата 28 седница одржана на 25.03.2020 година

1.Уредба со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба

На денешната седница е усвоена и Уредба со законска сила за примена на Законот за даночна постапка за време на вонредна состојба, која се донесе како мерка за поддршка на компаниите кои претрпеле штети во своето работење заради спроведување на мерките за спречување и ширење коронавирусот COVID-19, на Владата на Република Северна Македонија, се предлага намалување на каматата на износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки, така што се предлага да се пресметува и наплатува камата во висина од 0,015% за секој ден задоцнување, наместо 0,03% како што уредува Законот. 

Исто така, се уредува дека Управата за јавни приходи нема да објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови за месеците април, мај и јуни 2020 година.

2. Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход

На оваа седница Владата ја усвои и Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба.

Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба, се предлага како мерка за поддршка на обврзниците на данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност и кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на коронавирусот COVID-19, да бидат ослободени од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2020 година.

Право на намалување на износот на аконтациите на данокот на личен доход се предлага ќе имаат даночните обврзници кои остваруваа доход од самостојна дејност и ги вршат дејностите наведени согласно Националната класификација на дејности-НКД Рев.2: угостителска дејност (шифра 56- дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79- Туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55-Објекти за сместување) и транспорт (шифра 49-Копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50- Воден транспорт и шифра 51- Воздухопловен транспорт) и кои го исполнуваат следниот услов:

– Даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Исто така се предлага правото на намалување на износот на аконтациите на данокот на личен доход да се однесува и на други даночни обврзници кои имаат претрпено штети во своето работење, кои покрај гореспоменатиот услов исполнуваат еден од следните услови:

– Вкупните приходи на даночниот обврзник се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или

– Бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките од став (1) на овој член да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во однос на месец февруари 2020 година, или

– Даночниот обврзник затвори најмалку 50% од продажните местата преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

3. Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на добивка за време на вонредна состојба

Владата денеска донесе и Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на добивка за време на вонредна состојба, со која како мерка за поддршка на компаниите кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на коронавирусот COVID-19, ќе бидат ослободени од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година.

Право на намалување на износот на аконтациите на данокот на добивка ќе имаат даночните обврзници кои ги вршат дејностите наведени согласно Националната класификација на дејности-НКД Рев.2: угостителска дејност (шифра 56- дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79- Туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55- Објекти за сместување) и транспорт (шифра 49-Копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50- Воден транспорт и шифра 51- Воздухопловен транспорт) и кои ги исполнуваат следните услови:

– Да не исплатува дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до денот на траењето на ослободувањето (15 јуни 2020 година) и

– Даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Исто така, правото на намалување на износот на аконтациите на данокот на добивка да се однесува и на други даночни обврзници кои имаат претрпено штети во своето работење, кои покрај гореспоменатите услови исполнуваат еден од следните услови:

– Вкупните приходи на даночниот обврзник се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или

– Бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките од став (1) на овој член да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во однос на месец февруари 2020 година, или ако

– Даночниот обврзник затвори најмалку 50% од продажните местата преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

4. Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба

На предлог на Министерството за економија, денеска Владата ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба:

Со членот 1 од Уредбата се регулира примената на Законот за трговските друштва за време на траењето на вонредната состојба, при што е уредено дека за свикување и одржување годишно собрание на акционери и собир на содружници, од страна на органот на управување на акционерските друштва, односно органот на управување на друштвата со ограничена одговорност, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Во таа насока со членот 2 од Уредбата се овозможува пролонгирање на роковите за свикување и одржување годишно собрание на акционери, како и собир на содружници, од страна на трговските друштва, за време на траењето на вонредната состојба. Пролонгирањето на роковите се однесува и на започнатите постапки за свикување и одржување годишно собрание на акционери, односно собирот на содружници.

Се предвидува дека ова законско решение ќе овозможи поволни услови за трговските друштва во однос на обврската за свикување и организирање годишни собранија на акционери, односно собири на содружници, во чии рамки се усвојуваат годишни сметки и финансиски извештаи, како и се одобрува работата на членовите на органот на управување во друштвото.

Уредбите со законска сила донесени на 28 седница на владата одржана на 25.03.2020 година ќе стапат во сила со денот на објавување во службен весник на РМ.