Економските мерки на владата преточени во уредби
admin -Владата ги донесе Уредбите за три економски мерки за компаниите погодени од корона кризата
Владата на Република Македонија информираше дека на 01.04 и 02.04.2020 година на владина седница се донесени Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, за Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, и за Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19, заради исплата на финансиска помош за месеците април и мај 2020 година.
Мерка 1 – директната помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април и мај, од сите фирми погодени од кризата
Главната мерка од економскиот пакет e директната помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април и мај, од сите фирми погодени од кризата.
За оваа мерка, донесена е Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за исплата на платите за месеците април и мај 2020 година. Оваа уредба се очекува да се објави во Службен весник и да стапи во сила во текот на утрешниот ден.
Според претседателот на владата, дури 87 отсто од компаниите се подобни да аплицираат за овие мерки, ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании. Сумата што ќе ја добие секој работник, за двата месеци, април и мај, изнесува 29.000 денари, скоро 500 евра, односно по 14.500 денари месечно.
Според уредбата, „Работодавач од приватниот сектор“ го опфаќа секое претпријатие од приватниот сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување, секое правно лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавачите кои преку приватни агенции за вработување, ангажираат работници за извршување работни задачи.
Со оваа мерка ќе се врши исплата на финансиски средства на сметка на работодавачот-барател на финансиска поддршка за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник.
Поточно, ова значи дека доколку работник бил ангажиран за полно работно време, ќе му биде исплатен целиот предвиден износ согласно оваа мерка односно – 14.500 денари, а доколку бил ангажиран со скратено работно време, ќе му биде исплатен сразмерен износ.
Работодавачот-барател на финансиска поддршка поднесува Барање за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците до Управата за јавни приходи, која е задолжена веднаш да ги утврди формата и содржината на обрасците за Барањето за финансиска поддршка.
Барањето се поднесува преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи до 5-ти во месецот, за претходниот месец. Комплетноста на Барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето.
Сите информации за тоа кои компании ќе имаат право на користење на придобивките од оваа мерка, како и оние кои не се опфатени со оваа финансиска поддршка, ќе бидат наведени во Уредбата што ќе биде објавена во рок од еден ден во Службен Весник, како и на веб страницата на Владата.
Во Член 5 од оваа Уредба е утврден и начинот за аплицирање за стекнување на правото за финансиска поддршка преку алатката „Месечна пресметка за интегрирана наплата“ на Управата за јавни приходи преку посебна шифра за оваа намена.
По обработката на апликацијата, Управата за јавни приходи ќе го информира работодавачот-барател на финансиска поддршка за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе биде исплатена за соодветниот месец, и за тоа ќе ја извести Владата на Република Северна Македонија за работодавачите кои ги исполниле условите за финансиска поддршка за исплата на платите.
Износот на финансиска поддршка согласно оваа Уредба, ќе се исплатува до 13-ти во месецот, за претходниот месец.
Уредбата утврдува дека работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи или од страна на Државниот инспекторат за труд, се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите за стекнување право за користење на оваа мерка.
За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа Уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец септември 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смрт на работник.
Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.
Согласно оваа Уредба работодавачите кои ќе го искористат правото на финансиска поддршка за исплата на плати, имаат обврска примените финансиски средства ги вратат во Буџетот на Република Северна Македонија.
Деталите за оваа обврска се опишани во Уредбата.
Мерка 2- Субвенционирање на исплата на 50% од придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба
Како алтернатива на оваа мерка, компаниите можат за изберат да ја користат мерката за покривање на 50 отсто од придонесите на платите на своите вработени.
Тоа значи, дека работодавачите можат да се одлучат да изберат финансиска поддршка за покривање на половина од придонесите за своите вработени, наместо 14.500 месечно нето плата по вработен за месеците април и мај.
За таа цел е донесена Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба.
Со Уредбата се предвидува за секој вработен осигуреник, за месеците април и мај 2020 година да се субвенционираат придонесите за задолжително социјално осигурување во висина од 50 отсто. При тоа, пресметаната сума не може да биде повисока од 50 отсто од придонесите за задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник во Република Северна Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика објавена за јануари 2020 година.
Во Уредбата се наведени условите што треба да бидат исполнети за користење на оваа мерка.
НАПОМЕНА: Oваа мерка е алтернатива на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите во висина од 14.500 денари за месеците април и мај. Тоа значи дека, работодавачите не можат да ги користат и двете мерки, туку само една по избор. Значи, за секој работник се обезбедува или плата од 14.500 денари месечно или покривање на 50 отсто од придонесите.
Мерка 3 – Финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза
За оваа мерка, денеска е донесена и Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19, заради исплата на финансиска помош за месеците април и мај 2020 година.
Оваа уредба се однесува на занаетчиите и вршителите на самостојни дејности кои исто така ги чувствуваат последиците.
Финансиската поддршка на физичко лице кое врши самостојна дејност опфатени со оваа Уредба ќе се спроведува преку Владина Програма за финансиска поддршка со исплата на финансиски средства на трансакциска сметка преку која физичкото лице – барател на финансиска поддршка за исплата на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година.
Финансиската поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно.
Сите подетални услови за стекнување право на користење на поволностите од овие мерки на владата како и на другите мерки за кои сеуште не се донесени уредби, ќе ве информираме и подетално во моментот на објавувањето на Уредбите во Службен весник на РМ, а се очекува да бидат објавени во текот на утрешниот ден.