НОВИ ОДЛУКИ НА ВЛАДА ОД 26.05.2020
admin -ДОНЕСЕНИ НОВИ ОДЛУКИ НА СЕДНИЦА НА ВЛАДА НА 26.05.2020
Владата на Република Северна Македонија на 57-мата седница донесе неколку одлуки во врска со корона кризата, дел од кои се:
1.Oдлука со која од денес, 27 мај, целосно престанува важењето на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија.
2.На оваа седница донесена е и одлука според која од четврток, 28 мај, отпочнуваат со работа на угостителските објекти во Република Северна Македонија со прецизно утврден соодветен протокол за нивна работа во отворените делови, односно терасите на овие објекти, а работата во затворените делови и во објектите кои немаат тераси, ќе се регулира во наредната фаза;
3.Владата н на оваа своја седница донесе одлука од 1 јуни 2020 година, да престанат да важат заклучоците на Владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на работните активности, како што се упатување за работа од дома, патување за работа кон градот Скопје, организирање на работниот процес со ротации и другите слични мерки и препораки.
Владата заклучи дека оваа одлука ќе биде придружена со соодветен протокол за работа, дејствување и однесување на работно место кој се однесува на просторните услови, физичкото растојание во работните и другите простории, носењето лична заштитна опрема и така натаму;
Ова не важи за хроничните болни, а како дополнителен заклучок Владата денеска утврди дека отстапка од оваа одлука се и родителите кои имаат деца на возраст до 10 години или деца на претшколска возраст, за кои ќе се чека одлуката за отпочнување на работата на градинките.
4.Владата денеска го усвои протоколот за постапување при влез на сите лица македонски државјани во земјата. Согласно овој протокол задолжителниот државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија кои се враќаат од странство со хуманитарни летови или конвои, се заменува со домашна изолација доколку лицата кои влегуваат на територијата на Република Северна Македонија приложат негативен ПЦР тест за коронавирусот КОВИД-19 направен во последните 72 часа пред да влезат на територијата на Република Северна Македонија.
Од денеска, согласно одлуката на Владата од денешната седница, сите лица кои се спроведени во објектите за државен карантин, на свој трошок, можат да направат ПЦР тест во објектот во кој се сместени и доколку имаат негативен резултат да бидат упатени во домашна самоизолација.
На оваа седница, на предлог на Министерството за надворешни работи, во соработка со Комисијата за заразни болести, е усвоен протокол за странски дипломати акредитирани во земјата и членови на нивните семејства, кои доколку приложат медицинска потврда за негативен ПЦР тест направен во последните 72 часа пред влез во Република Северна Македонија, ќе можат непречено и тековно да ја извршува својата работа, без упатување во домашна самоизолација.
Освен овие одлуки, на денешната седница на Владата ги задолжи Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство да направи јасна и прецизна проценка за отворање на државните граници, како и да подготват соодветни протоколи за влез и излез на и од територија на Република Северна Македонија.
Беше заклучено дека оваа одлука ќе се донесе врз основа на заедничката координација со земјите од регионот со кои е воспоставена одлична комуникација која најавува дека многу бргу патувањето во регионот ќе биде регулирано во интерес на граѓаните на сите земји.
5.Владата денеска ја донесе Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на филмските работници за време на вонредна состојба, како и Уредба со законска сила за финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба за исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари.
6.Денеска е донесена и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност за време на вонредна состојба, согласно која на невработено лице, на кое работниот однос му престанал во периодот од 11 март 2020 година до 30 април 2020 година, независно од времето поминато во работен однос, може да оствари право на паричен надоместок во висина од 50% од месечна нето плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, објавена за последниот месец. Овој надомест се исплатува во случај кога работниот однос му престанал со давање на писмена изјава од страна на работникот, кога спогодбено му престанал работниот однос или кога работниот однос му престанал со отказ од страна на работодавачот, за времетраење од два месеци, сметано од престанокот на работниот однос.
Со донесување на Уредбата ќе се обезбеди материјално обезбедување и на невработени лица на кои работниот однос им престанал не по нивна вина и воља.
7.Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата со Правилник за инструментот за поддршка – Кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од КОВИД-19, со кој се воведува нов механизам за поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија во Република Северна Македонија.
Поддршката ќе се реализира преку Јавен конкурс со траење 15 до 30 дена, наменет за микро, мали и средни претпријатија, а финансиската поддршка е структурирана според големината на претпријатието, и тоа: до 0,75 милиони денари за микро, 1,5 милиони за мало и не повеќе од три милиони денари за средно претпријатие, со обезбедено сопствено учество што не може да биде помало од 30% од вкупниот буџет на проектот.
За Правилникот обезбедена е согласност од Светската банка, како финансиски партнер во реализација во рамки на Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации.
Во врска со конкретните правилници и одлуки ке ве информираме дополнително, како тие ќе се објавуваат во службен весник.