Petti set ekonomski meri - GGC Konsalting

УСЛОВИ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ИСПЛАТА НА ПЛАТИ ЗА МЕСЕЦ ФЕВРУАРИ И МАРТ 2021

-

УСЛОВИ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ПОГОДЕНИ ОД ЗДРАВСТВЕНО-ЕКОНОМСКАТА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ВИРУСОТ COVID-19, ЗАРАДИ ИСПЛАТА НА ПЛАТИТЕ ЗА МЕСЕЦИТЕ ФЕВРУАРИ И МАРТ 2021 ГОДИНА

 

Во собраниска процедура по скратена постапка се очекува да се донесе Законот за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март 2021.

Со предлог законот, се уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите на работниците за месеците февруари и март 2021 година.

 

Предмет на финансиска поддршка

Предмет на финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците февруари и март 2021 година, во износ најмногу до 21.776 денари месечно по работник, утврден согласно работното време (полно или неполно работно време) на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое работникот остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот како и согласно членот 5 од овој закон, кој не може да биде повисок од платата на работникот која ја исплаќа работодавачот за месецот за кој бара финансиска поддршка.

(3) Бројот на вработени за кои работодавачот-барател на финансиска поддршка има право на финансиска поддршка за месеците февруари и март 2021 е одреден од вкупниот број на вработени во месецот за кој се бара финансиска поддршка кои се вклучени во месечната пресметка за интегрирана наплата (во понатамошниот текст: МПИН образец) намален за бројот на одјавени работници за истиот месец со исклучок на одјавените работници согласно условите од членот 8 ставовите (3) и (4) од предлог законот.

Барање за финансиска поддршка

Работодавачот-барател на финансиска поддршка поднесува Барање за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците до Управата за јавни приходи со Изјава за исполнетоста на условите од ставот (3) на овој член и членот 4 од овој закон. Формата и содржината на Барањето за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците ги пропишува министерот за финансии.

Барањето,  работодавачот-барател на финансиска поддршка го поднесува преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи до 12-ти во месецот за претходниот месец, а комплетноста на Барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од три дена од денот на приемот на барањето.

 

Кои услови треба да се исполнуваат за користење на финансиска поддршка?

За користење на финансиската поддршка, работодавачот-барател на финансиска поддршка треба да ги исполни следните услови:

  • месечниот просек на вкупните приходи од редовното работење остварени во периодот ноември, декември 2020 година и јануари 2021 година, односно декември 2020 година, јануари и февруари 2021 година намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка да се намалени најмалку за 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи од редовното работење остварени во периодот ноември, декември 2019 година и јануари 2020 година, односно декември 2019 година, јануари и февруари 2020 година, намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење. За обврзниците регистрирани по јануари 2020 година, намалувањето на месечниот просек на вкупните приходи од редовното работење намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени во периодот ноември, декември 2020 година и јануари 2021 година, односно декември 2020 година, јануари и февруари 2021 година да изнесува најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар до крајот на месец октомври, односно ноември 2020 година,
  •  работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност на работодавачот со шифра 102 во МПИН образецот) или друг вид на годишна награда  на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на овој закон до денот на исплатата на платата за месец март 2021 година и
  • бројот на вработени во месецот за кој се бара финансиска поддршка од овој закон да е ист или поголем со бројот на вработени заклучно со месец декември 2020 година со исклучок на одјавените работници согласно условите од членот 8 ставови (3) и (4) од овој закон.

 

НАПОМЕНА: Работодавачот-барател на финансиска поддршка кој на повеќе од 10% од вкупниот број вработени им исплатува поединечна нето плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиска поддршка не ги исполнува условите од ставот (3) на овој член.

 

Кој не може да користи финансиска поддшка?

Работодавач-барател на финансиска поддршка не може да користи финансиска поддршка за работник доколку:

  • работникот кој за месец октомври, ноември и декември 2020 година и јануари 2021 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време) или доколку засновал работен однос за време пократко од четири месеци, нето платата на работникот е повисока од 39.900 денари за секој месец одделно за периодот за кој е пријавен во работен однос, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време),
  • користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (за мерките од проектот „Македонија вработува“) и
  • вработува работник за дополнително работење, согласно со членот 121 од Законот за работните односи.

 

Финансиска поддршка за исплата на платите исто така не може да користи:

  • орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и
  • приватна агенција за вработување за работник кој е отстапен кај работодавач од став (2) алинеја 1 на овој член.

НАПОМЕНА: Финансиска поддршка за исплата на плати не може да користи работодавач кој во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година има кумулативно акумулирани добивки поголеми од 600.000.000 денари.

По исклучок од ставот (1) на овој член работодавачот кој има повеќе од 2.000 вработени лица во месецот за кој користи финансиска подршка а во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година има кумулативно акумулирани добивки поголеми од 600.000.000 денари, може да користи финансиска поддршка за исплата плата согласно овој закон.

 

Кој е износот на финансиска поддршка и како се определува?

Износот на финансиска поддршка заради исплата на плати за февруари и март 2021 година, се определува врз основа на процентот на намалувањето на приходот искажан во барањето  и тоа на следниот начин:

  • за намален приход од 30% до 40% износ на финансиска поддршка до 14.500 денари
  • за намален приход од 40,01% до 50% износ на финансиска поддршка до 15.955 денари
  • за намален приход од 50,01% до 60% износ на финансиска поддршка до 17.410 денари
  • за намален приход од 60,01% до 70% износ на финансиска поддршка до 18.865 денари
  • за намален приход од 70,01% до 80% износ на финансиска поддршка до 20.320 денари
  • за намален приход од над 80% износ на финансиска поддршка до 21.776 денари.

НАПОМЕНА: Износот на финансиска поддршка се исплатува до износот на платата која ја исплаќа работодавачот на работникот за месецот за кој бара финансиска поддршка, а најмногу до износот определен погоре.

 

Постапка за добивање на финансиска поддршка

Работодавачот со комплетното барање од членот 3 став (1) од овој закон, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.4б од МПИН образецот внесува шифра 5001.

Работодавачот кој истовремено може да користи друга мерка за субвенционирање на социјалните придонеси и/или данок на личен доход во полето 3.23 од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување и истата ја комбинира (користи истовремено) со шифрата од ставот (1) од овој член.

После обработката на МПИН образецот, Управата за јавни приходи го информира работодавачот-барател на финансиска поддршка за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе биде исплатена за соодветниот месец.

Управата за јавни приходи ја известува Владата на Република Северна Македонија за работодавачите кои ги исполниле условите за финансиска поддршка за исплата на платите. Известувањето содржи податоци за: ЕДБ/ЕМБГ на работодавачот-даночен обврзник, назив/име и презиме, адресни податоци, износ на одобрената финансиска поддршка и трансакциска сметка на работодавачот-корисник на финансиска поддршка.

Износот на финансиска поддршка од членот 2 став (1) на овој закон се исплатува до 15-ти во месецот за претходниот месец преку Владина Програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19  на сметка на работодавачот-барател на финансиска поддршка кој ги исполнил условите од членот 3 став (3) и членот 4 на овој закон, согласно со известувањето од Управата за јавни приходи.

Роковите за поднесување на МПИН образецот до Управата за јавни приходи и исплатата на платата, данокот на личен доход и придонесите од задолжително социјално осигурување се уредени со Законот за работните односи, Законот за данокот на личен доход и Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

 

Обврски на работодавачот кој примил финансиска поддршка

Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати за вработениот за кој примил финансиска поддршка, должен е да му ја исплати платата најмалку до износот на примената финансиска поддршка но не помалку од износот на минималната плата утврдена со Законот за минимална плата на Република Северна Македонија.

Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата утврдена согласно Законот за даночна постапка, доколку по извршената контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите од ставот (3) на овој член и од членот 3 став (3), член 4 и член 5 став (1) од овој закон.

За времетраење на финансиската поддршка согласно овој закон и два месеци после завршувањето на месецот за кој е користена финансиската поддршка, бројот на вработени кај работодавачот кој користи финансиска поддршка за исплата на плати, во однос на бројот на вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка, не смее да се намалува, освен заради:

  •  пензионирање и смрт на работник,
  •  откажување на договорот за вработување од страна на работникот,
  • откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски,
  • спогодбено преземање на работник,
  • престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и
  • престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.

Согласно погорниот став, два месеци после завршувањето на месецот за кој е користена финансиската поддршка вкупниот број на вработени кај работодавачот – корисник на финансиска поддршка не смее да се намали за повеќе од:

  • 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка,
  • 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и
  • 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.

 

Обврска за враќање на финансиската поддршка

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати согласно овој закон има обврска 50% од примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија за што поднесува Барање за пресметување на износот на враќање  на примената финансиска поддршка за исплата на плати до Управата за јавни приходи, најдоцна до рокот за поднесување на даночниот биланс за 2021 година.

Враќањето на износот  ќе се изврши на две месечни рати, без камата, во месеците февруари и март 2022 година.

По исклучок,  делот од 50% од примените финансиски средства за исплата на плати кој с треба да се врати во Буџетот на Република Северна Македонија, е неповратен за работодавачот корисник на финансиска поддршка доколку примените финансиски средства од искористената финансиска поддршка за плати, до крајот на 2021 година ги искористи за инвестициски вложувања односно вложувања во материјални средства (недвижности, постројки и опрема), вклучително и вложувањата во материјални средства набавени преку финансиски лизинг, како и во нематеријални средства (компјутерски софтвер и патенти) за проширување на дејноста, освен вложувања во патнички автомобили, мебел, теписи, аудио визуелни средства, бела техника, уметнички дела од ликовната и применетата уметност и други вложувања кои служат за административни цели.

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка и го исполнил условот од ставот (3) на овој член до Управата за јавни приходи доставува Барање за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант најдоцна до рокот за поднесување на даночниот биланс за 2021 година, со приложување на фактури за извршените набавки од ставот (3) на овој член и изводи од носител на платен промет како доказ за извршеното плаќање на фактурите.

Формата и содржината на Барањето за пресметување на износот на враќање  на примената финансиска поддршка за исплата на плати и Барањето за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант  ги пропишува министерот за финансии

 

НАПОМЕНА: За работодавачот – корисник на финансиска поддршка кој дал Изјава согласно член 3 став (1) од овој закон, а не ги исполнил условите од член 3 став (3) и член 4 од овој закон, ќе се применуваат одредбите од Кривичниот законик.

 

Казнени одредби за непочитување на Законот

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на микро правно лице, од 500 до 2.000 евра во денарска противвредност на мало правно лице, од 1.000 до 6.000 евра во денарска противвредност за средно правно лице и од 1.000 до 10.000 евра во денарска противвредност на големо правно лице:

  • ако правното лице постапува спротивно на член 8 став (1) од овој закон односно за вработениот за кој примил финансиска поддршка, исплатил пониска плата од износот на примената финансиска поддршка.
  • ако правното лице постапува спротивно на член 8 став (2) од овој закон, односно не ја исполни обврската за враќање на добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд поради неисполнетост на условите од членот 3 став (3), членот 4 и членот 5 ставот (1)  од овој закон.

 

Глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на  физичкото лице:

  • ако физичкото лице постапува спротивно на член 8 став (1) од овој закон односно за вработениот за кој примил финансиска поддршка, исплатил пониска плата од износот на примената финансиска поддршка.
  • ако физичкото лице постапува спротивно на член 8 став (2) од овој закон, односно не ја исполни обврската за враќање на добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд поради неисполнетост на условите од членот 3 став (3), членот 4  и членот 5 став (1)  од овој закон.

 

Глоба во износ од 100 дo 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за сторен прекршок на одговорното лице во правното лице од став (1) на овој член ако:

  • постапува спротивно на член 8 став (1) од овој закон односно за вработениот за кој примил финансиска поддршка, исплатил пониска плата од износот на примената финансиска поддршка.
  • постапува спротивно на член 8 став (2) од овој закон, односно не ја исполни обврската за враќање на добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд поради неисполнетост на условите од членот 3 став (3), членот 4  став (2) и членот 5 став (1)  од овој закон.

Прекршочна постапка води и прекршочна санкција  изрекува надлежен суд.

 

НАПОМЕНА: Работодавачот кој користи финансиска поддршка согласно овој закон, неможе да користи и финансиска поддршка во 2021 година за исплата на плати преку бескаматни кредити.

 

НАПОМЕНА: Работодавачот кој користел финансиска подршка за исплата на плата  согласно Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID – 19, заради исплата на платите за месеците април, мај и јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр. 111/20, 113/20 и 154/20) и/или Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено – економската криза предизвикана од вирусот COVID – 19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр. 267 /20) а не ја исплатил платата, не може да користи финансиска подршка согласно овој закон.