1-2_restriktivni_merki_28_april_-_15_maj

Соопштение на Влада: Од 28 април забраната за движење почнува од 21:00 часот

-

Влада: Од 28 април забраната за движење почнува од 21:00 часот, отворените делови на угостителските објекти ќе работат до 20:30 часот

На денешната седница Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и донесе измени и дополнувања на мерките за заштита и спречување на ширењето на КОВИД-19.

Со овие измени и дополнувања од утре, 28 април (среда), забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на целата територија на државата, наместо од 20:00 ќе важи од 21:00 до 5:00 наредниот ден.

Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, и вечерта меѓу 12 и 13 мај за време на верскиот празник Рамазан Бајрам.

Почнувајќи од 28 април сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти и тоа до 20:30 часот после што треба да бидат затворени за посетители.

Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично, останува.

Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во овие објекти, кои остануваат да работат како и до сега.

Соодветно на овие исклучоци ќе се применуваат адаптираните Протоколот за отворање и работа на кафетериите, Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана и Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од КОВИД-19.

Согласно препораките на Комисијата останува забраната за работа на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор, а дејноста може да ја обавуваат на отворен простор согласно соодветниот наменски протокол.

Новите мерки важат до 15 мај.