Развојна банка објави нов повик за безкаматна кредитна линија Ковид 4
Развојна банка објави нов повик за безкаматна кредитна линија Ковид 4
Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје на 07.07.2021 објави ЈАВЕН ПОВИК бр.1
за поднесување на кредитно барање за директно кредитирање на микро,
мали и средни претпријатија погодени од Ковид-19.
I. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Предмет на овој јавен повик е поднесување на кредитно барање за директна поддршка на микро, мали и средни трговски друштва, трговци поединци, занаетчии кои плаќаат данок на реален приход, ПЗУ и се регистрирани во Република Северна Македонија, од Фонд за финансиска поддршка и поддршка на ликвидноста – ,,Ковид 4”.
Фондот за финансиска поддршка и поддршка на ликвидноста – ,,Ковид 4” од кој ќе се реализира оваа кредитна линија е формиран со средства од буџетот на Република Северна Македонија во износ од 615.000.000 денари.
II. УСЛОВИ ЗА ОДОБРУВАЊЕ НА СРЕДСТВАТА
Средствата од Фонд за финансиска поддршка и поддршка на ликвидноста – ,,Ковид 4” ќе се доделуваат под следните услови:
Намена на кредитот:
За тековни средства и ликвидност
Износ на кредитот:
Износот на кредитот зависи од бројот на вработени и падот на приходите.
Максималниот износ на кредит кој ќе биде одобрен на кредитокорисникот не може да биде повисок од 1.845.000 денари, а минималниот износ на кредит не може да биде под 184.500 денари.
- За сите субјекти со пад на приходи од 30% до 50% во 2020 година, во однос на 2019 година (според ставка АОП 201 од Биланс на успех) максималниот износ на кредит кој може да биде одобрен се пресметува по следната формула:
15.200 денари х 3 месеци х број на вработени
- За сите субјекти кои имале пад на приходи поголем од 50% во 2020 година, во однос на 2019 година (според ставка АОП 201 од Биланс на успех), максималниот износ на кредит кој може да биде одобрен се пресметува по следната формула:
22.000 денари х 3 месеци х број на вработени
- За субјектите основани во текот на 2020 година падот на приходи се пресметува врз основа на приходите во било кој месец од 2021 година (јануари, февруари, март, април, мај или јуни 2021 годинна), во однос на просечните приходи во 2020 година, за што кредитобарателот доставува изјава.
Број на вработени од формулата, се утврдува од копија од МПИН образец за плата, за било кој од месеците јануари 2021, февруари 2021 или март 2021.
По исклучок, квалификувани корисници со и до 4 вработени, може да аплицираат за кредит од 184.500 денари.
Начин на пласирање:
Одобрениот кредит се исплаќа директно на кредитокорисникот согласно инструкциите наведени во Барањето за кредит кое го поднесува барателот согласно овој Јавен повик.
Рокови на отплата:
Кредитите од Кредитната линија „КОВИД 4“ ќе се одобруваат со рок на отплата од 36 до 42 месеци со вклучен грејс период до 12 месеци. Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши во квартални периоди на отплата.
Критериуми за одобрување:
Квалификувани кредитобаратели се:
1. Микро, мали и средни трговски друштва (со приоритетна дејност согласно тековната состојба) од следните сектори погодени од кризата COVID 19 и тоа:
49.10 – Патнички железнички транспорт, меѓуградски,
49.31 – Градски и приградски патнички копнен транспорт
49.39 – Друг патнички копнен транспорт, неспомнат на друго место,
49.41 – Товарен патен транспорт,
50.3 – Внатрешен патнички воден транспорт,
52.21 – Услужни дејности поврзани со копнениот превоз,
52.24 – Претовар на товар,
52.29 – Останати придружни дејности во превозот,
55.1 – Хотели и слични објекти за сместување,
55.10 – Хотели и слични бјекти за сместување,
55.2 – Одморалишта и останати објекти за пократок престој,
56.1 – Ресторани и останати објекти за подготовка и послужување на храна,
56.10 – Ресторани и останати објекти за подготовка и послужување на храна,
56.29 – Останати услуги за подготвување и служење на храна,
56.3 – Подготовка и послужување на пијалоци,
59.11 – Дејности на производството на филмови, видеофилмови
77.39 – Изнајмување и давање под закуп (лизинг) на останати
79.1 – Дејности на туристичките агенции и организаорите на патувања (туроператори),
79.11 – Дејности на туристичките агенции,
79.12 – Дејности на организатори на патувања (туроператори)
82.30 – Организација на состаноци и деловни саеми
90.01 – Изведувачка уметност
90.02 – Помошни дејности во изведувачката уметност
90.04 – Дејности на објекти за културни манифестации
2. Трговци-поединци (ТП) независно од шифрите на дејност
3. Занаетчии (кои плаќаат давачки на реален приход) независно од шифрите на дејност и
4. Приватни здравствени установи (ПЗУ).
Кредитобарателите треба да ги исполнат следните критериуми:
- Регистрирани се во Република Северна Македонија,
- Најмалку 51% се во приватна сопственост,
- Не се на последната листа на даночни должници објавена од УЈП пред објавата на Јавниот повик на 07.07.2021 година, која се смета за важечка се до целосна реализација на кредитната линија.
- Не се во постапка на стечај или ликвидација,
- Имаат поднесено годишна сметка во Централен регистар за 2019 и 2020 година, a доколку се основани во текот на 2020 година да имаат поднесено годишна сметка за 2020 година,
- Имаат запишано вистински сопственик во Регистарот за вистински сопственици при Централниот регистар на РСМ, доколку е обврзник,
- Согласно финансиските извештаи за последната фискална година има главнина и резерви (наведени во Биланс на состојба во ставка АОП 65) не помалку од 33% од износот на бараниот кредит; овој критериум не се применува кај занаетчии и ТП,
- Бележат пад на просечни месечни приходи од најмалку 30% во 2020 година во однос на 2019 година (се однесува за целата година, наведено во Билансите на успех во ставка АОП 201). За компаниите основани во текот на 2020 година, бележат пад од најмалку 30% мерено преку приходот во било кој месец од 2021 година (јануари, февруари, март, април, мај или јуни 2021) во однос на просечните месечни приходи во 2020 година, за што кредитобарателот доставува изјава,
- Согласно податоците од кредитен регистар на НБРСМ со состојба 31.01.2020 година се во класификација подобра или еднаква на Б (се врши пресметка на просечна ризичност) или кои немаат кредитна изложеност. Исклучок е доколку вкупната кредитна изложеност на банките кон одреден клиент е помала од 5.000 денари,
- Не се корисници на кредит од ,,Ковид 3” кредитната линија; како корисник се смета секој оној кој има склучено договор со РБСМ за оваа кредитна линија,
- На денот на отпочнување со аплицирање, немаат неизмирени достасани обврски, како корисници на ,,Ковид 1” и/или ,,Ковид 2” кредитна линија. Ден на отпочнување со аплицирање за сите баратели е ист и како таков се смета 15 јули 2021 година, а подмирување на достасаните обврски треба да е направено заклучно со 14 јули 2021 година.
- Не се корисници на средства од Мерка 1 – финансиска поддршка на плати за вработените за месец февруари и март 2021 година од Управата за јавни приходи (УЈП), од петтиот економски сет мерки.
Каматна стапка за кредитокорисниците
Каматната стапка за кредитокорисниците се утврдува фиксно на износ од 0% на годишно ниво.
РБСМ нема да наплаќа провизија од кредитокорисникот за обработка на кредитните барања.
Обезбедување
Заемот се обезбедува со меница од кредитокорисникот авалирана од еден од сопствениците на кредитокорисникот, со менична изјава за уредување на правата и обврските по меницата во форма на нотарски акт со извршна клаузула.
Трошоците за воспоставување на обезбедувањето се на товар на кредитокорисникот.
Останато
РБСМ во име и за сметка на Владата на Република Северна Македонија. по одобрување на кредитното барање, ќе склучи договор за кредит со кредитокорисникот.
III. СУБЈЕКТИ КОИ ИМААТ ПРАВО НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА КРЕДИТНО БАРАЊЕ
Право на поднесување на кредитно барање имаат, микро, мали и средни трговски друштва (согласно листа на шифри на приоритетни дејности во точка II од овој Јавен поовик), трговци поединци, занаетчии кои плаќаат данок на реален приход и ПЗУ кои се регистрирани во Република Северна Македонија согласно позитивните прописи и се со основна главнина во приватна сопственост на правни и физички лица од најмалку 51%.
Кредитобарателот може да ја провери својата класификација по големина со увид во негова тековна состојба.
IV. ГРАНТ КОМПОНЕНТА
Субјектите кои ќе бидат корисници на кредит од кредитната линија ,,Ковид 4”, ќе имаат можност за користење на грант, односно да добијат отпуштање на дел од долгот. За да може да користат грант, кредитокорисниците ќе треба да поднесат Барање за грант до Развојна банка на Северна Македонија штом ги исполнат следните услови:
- Подмирени најмалку 40% од обврските по основ на одобрен кредит;
- Да нема регистрирано доцнење при сервисирање на обврските по основ на кредитот подолго од 30 дена; и
- Да нема извршено предвремена отплата на кредитот.
Исполнетоста на критериумите за користење на грант ќе се оценува во моментот на поднесување на Барање за грант (барање за отпуштање на долг).
Износот на грант компонентата, се одредува од следните критериуми и на следниот начин:
- Бројот на вработени во 2021 година во однос на 2020 година да е зголемен за најмалку 5,0% (се користат податоци од МПИН образец за декември 2021 и декември 2020 година), и
- Вкупните приходи за 2021 година се зголемени најмалку за 10,0% споредено со вкупните приходи во 2020 година (се користат податоци од Билансот на успех за 2021 и 2020 година ставка АОП 201).
Кредитокорисникот кој го исполнува условот под број 1 има право на грант во висина од 20% од износот на кредитот.
Кредитокорисникот кој го исполнува условот под број 2 има право на грант во висина од 30% од износот на кредитот.
Доколку кредитокорисникот ги исполни и двата услова кумулативно има право на грант во висина од 50% од износот на кредитот.
РБСМ го одобрува барањето за грант компонентата и врши отпуштање на долг во процентот на одобрената грант компонента, пресметан во поседните рати на отплата на кредитот.
V. ЗАДОЛЖИТЕЛНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Документ без кој нема да се обработува барањето за кредит е Кредитно барање од кредитобарателот, кој е образец објавен на веб страницата на банката и кое ги содржи основните информации на кредитобарателот, износот на кредит кој го бара, инструкции за плаќање и други информации.
Апликацијата за кредит се смета поднесена до Развојна банка на Северна Македонија на датумот, часот и минутите во кои формуларот Кредитно барање пристигнал на е-маил адресата за Јавниот повик.
Задолжителна документација која кредитобарателот е должен да ја достави на јавниот повик е следната:
- Кредитно барање (формулар објавен на веб страницата на банката без кој другите доставени документи од субјектите нема да бидат процесирани),
- Апликација за регистрација на клиент-правно лице (образец објавен на веб страницата на банката),
- Изјава за поврзаност со други правни/физички лица (образец објавен на веб страницата на банката),
- Изјава за постоење својство на носител на јавна функција (образец објавен на веб страницата на банката),
- Изјава за проверка на кредитна изложеност (образец објавен на веб страницата на банката),
- ЗП образец (образец за заверен потпис кој е достапен на веб страницата на ЦРМ),
- МПИН од месеците јануари, февруари или март 2021 година (за утврдување на број на вработени),
Документација која кредитобарателот треба да ја достави, а која доколку не биде доставена од кредитобарателот банката ќе ја обезбеди по службена должност:
- Тековна состојба не постара од 6 месеци (од Централен регистар на РСМ),
- Тековна состојба за вистински сопственик (од Централен регистар на РСМ),
- Годишна завршна сметка за 2019 година и за 2020 година (од Централен регистар на РСМ),
- Доказ дека не е отворена стечајна, односно ликвидациона постапка, односно документи (1) Потврда за стечај и (2) Потврда за ликвидација (од Централен регистар на РСМ).
VI. КРИТЕРИУМИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА СРЕДСТВАТА
Квалификуван кредитокорисник кој ги исполнува критериумите за одобрување на кредит по принципот ,,ПРВ ДОЈДЕН, ПРВ УСЛУЖЕН”.
Кредитните барања се обработуваат хронолошки како што се пристигнати на е-маил [email protected] .
VII. ИЗГОТВУВАЊЕ И ПОДНЕСУВАЊЕ НА КРЕДИТНО БАРАЊЕ
Кредитното барање со комплетната документација се доставува исклучиво по електронски пат, на следната е-маил адреса: [email protected].
Доставените кредитни барања се распределуваат автоматизирано, поради што е неопходно да се почитуваат следните правила при аплицирање:
- Во предметот (Subject) на е-маилот со кој се доставува кредитното барање да биде наведен назив на компанијата град и правната форма на латиница, на пример: Vardar Berovo DOOEL
- Доколку кредитното барање се доставува во две или повеќе пораки, насловот (Subject) на пораките треба да е ист како во првата порака без дополнителни знаци и додатоци како на пример: 1, 2, vtor del, covid4, kovid, итн.
- Прилозите не треба да надминуваат големина од 6MB и треба да бидат доставени во прилог како .pdf, .zip или .rar формат.
Кредитното барање е задолжителен документ и доставената друга документација нема да биде разгледана додека не се достави Кредитно барање.
Кредитното барање мора да биде целосно пополнето.
Кредитното барање и пропратните документи чии обрасци се пропишани од банката, се препорачува да бидат пополнети електронски, на компјутер, или доколку тоа не е возможно да бидат пополнети читко со печатни букви.
Кредитните барања можат да бидат потпишани рачно или со дигитален сертификат.
Кредитобарателот може да поднесе само едно кредитно барање.
VIII. OПШТИ ОДРЕДБИ
Кредитните барања за јавниот повик се доставуваат 20 дена, со почеток од 15 јули 2021 година од 9:00 часот наутро и завршува на 03 август 2021 година во 23:59 часот.
Електронската адреса на која треба да пристигнат кредитните барања ќе биде НЕАКТИВНА пред 09:00 часот.
Обработката на пристигнатите кредитни барања ќе отпочне по затворање на јавниот повик.
Документите кои се доставуваат на јавниот повик се неповратни.
Несоодветните кредитни барања на неквалификувани кредитокорисници нема да се разгледуваат.
Некомплетните барања за кредит нема да се разгледуваат сè додека не се дополнат.
Пристигнатите документи без Кредитно барање (образец на веб страната на банката) нема да се обработуваат сè додека не се поднесе Кредитното барање.
Банката не сноси никакви трошоци настанати со подготовка, составување и доставување на барањата за кредит, така што учесникот на јавниот повик нема право на надомест на било какви трошоци по основ на учество на овој јавен повик.
Банката ќе ги извести барателите на кредит на коишто им е одобрен кредит врз основа на доставено Кредитно барање, на електронската адреса наведена во Тековната состојба на субјектот.
Банката ќе ги известува кредитобарателите чии кредитни барања се одбиени, со причина за одбивање, на електронската адреса наведена во Тековната состојба на субјектот.
Банката нема да ги известува индивидуално кредитобарателите чии кредитни барања се пристигнати по исцрпување на средствата.
За исцрпување на средствата по објавениот Јавен повик, Банката ќе објави информација за јавност на својата веб страница.
Сите информации и обрасци поврзани со јавниот повик, може да се најдат на веб страната на банката www.mbdp.com.mk.