Бескаматна кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза – Повик на развојна банка
ЈАВЕН ПОВИК бр. 1, Бескаматна кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза
Почитувани,
Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје објавува:
ЈАВЕН ПОВИК бр.1
за поднесување на кредитно барање за директно кредитирање на микро, мали и средни компании како и ТП и занаетчии (кои плаќаат давачки на реален приход) од Бескаматна кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза
I. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Предмет на овој јавен повик е поднесување на кредитно барање од Бескаматна кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза за директна поддршка на микро, мали и средни трговски друштва, трговци поединци и занаетчии кои плаќаат данок на реален приход и се регистрирани во Република Северна Македонија.
Средствата од кои ќе се реализира Бескаматната кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза се обезбедени во износ од 310.000.000 денари.
II. УСЛОВИ ЗА ОДОБРУВАЊЕ НА СРЕДСТВАТА
Средствата од Бескаматна кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза ќе се доделуваат под следните услови:
Намена на кредитот:
За обртни средства за поддршка на компаниите погодени од енергетската и економската криза.
Износ на кредитот:
• минимален износ: 185.000 денари,
• максимален износ: 3.000.000 денари.
Начин на пласирање:
Одобрениот кредит се исплаќа директно на кредитокорисникот согласно инструкциите наведени во Барањето за кредит.
Рокови на отплата:
Кредитите од Бескаматната кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза ќе се одобруваат:
• со рок на отплата од 12 месеци со вклучен грејс период од 6 месеци и
• со рок на отплата од 18 месеци со вклучен грејс период од 6 месеци.
Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши во квартални периоди на отплата.
Критериуми за одобрување:
Квалификувани кредитобаратели се:
Микро, мали и средни трговски друштва (согласно тековната состојба) како и ТП и занаетчии (кои плаќаат давачки на реален приход) активни во класа на дејности од Листа на прифатливи класи на дејности за финансирање (дејноста се утврдува согласно приоритетната дејност наведена во Тековната состојба).
Листа на прифатливи класи на дејности:
Шифра | Н а з и в |
01.11 | Одгледување на жита (освен ориз), мешунасти растенија и маслодајно семе |
01.12 | Одгледување на ориз |
01.13 | Одгледување на зеленчук, дуњи и лубеници, коренест и трупкаст зеленчук |
01.14 | Одгледување на шеќерна трска |
01.21 | Одгледување на грозје |
01.24 | Одгледување на јаболчесто и коскесто овошје |
01.30 | Одгледување на саден материјал |
01.41 | Одгледување на молзни крави |
01.42 | Одгледување на други говеда и биволи |
01.45 | Одгледување на овци и кози |
01.46 | Одгледување на свињи |
01.47 | Одгледување на живина |
10.11 | Преработка и конзервирање на месо |
10.12 | Преработка и конзервирање на живинско месо |
10.13 | Производство на животинско и живинско месо |
10.31 | Преработка и конзервирање на компири |
10.32 | Производство на сокови од овошје и зеленчук |
10.39 | Друга преработка и конзервирање на овошје и зеленчук |
10.41 | Производство на масла и масти |
10.42 | Производство на маргарин и слични масти за јадење |
10.51 | Преработка на млеко и производство на сирења |
10.52 | Производство на сладолед |
10.61 | Производство на мелнички производи |
10.62 | Производство на скроб и производи од скроб |
10.71 | Производство на леб, слатки (колачи, торти) во свежа состојба и бисквити (кекси) |
10.72 | Производство на двопек и бисквити, производство на конзервирани слатки и печива |
10.73 | Производство на макарони, њоки, кускус и слични тестенини |
10.81 | Производство на шеќер |
10.82 | Производство на какао, чоколади и кондиторски производи |
11.02 | Производство на вино од грозје |
Кредитобарателите треба да ги исполнат следните критериуми:
• Регистрирани се во Република Северна Македонија,
• Се најмалку 51% во приватна сопственост,
• Немаат неподмирени обврски кон државата докажано со потврда од УЈП не постара од 31.12.2021 година,
• Не се во постапка на стечај или ликвидација,
• Имаат поднесено годишна сметка во Централен регистар за 2021 година, независно од месеците на работење,
• Имаат запишано вистински сопственик во Регистарот за вистински сопственици при Централниот регистар на РСМ доколку е обврзник (Тековна состојба за вистински сопственик, потврда за вистински сопственик),
• Согласно финансиските извештаи за последната фискална година има главнина и резерви (наведен во билансот на состојба, АОП 65) не помалку од 30% од износот на бараниот кредит (овој критериум не се применува кај занаетчии и ТП),
• Согласно податоците од кредитен регистар на НБРСМ со состојба 31.01.2022 година се во класификација подобра или еднаква на Б (се врши пресметка на просечна ризичност) или кои немаат кредитна изложеност. Исклучок е доколку вкупната кредитна изложеност на банките кон одреден клиент е помала од 10.000 денари,
• Не се корисници на кредит од ,,Ковид 3” и ,,Ковид 4” кредитната линија (како корисник се смета секој оној кој има склучено договор со РБСМ за оваа кредитна линија),
• Во моментот на поднесувањето на апликацијата за кредит немаат неизмирени достасани обврски во износ поголем од 10.000 денари, како корисници на ,,Ковид 1” и ,,Ковид 2” кредитна линија.
Грант компонента
За секој кредитокорисник предвидена е грант компонента која се состои во отпуштање на дел од долг по основ на главница под услов да нема доцнење при сервисирање на кредитот повеќе од 60 дена и за износи поголеми од 10.000 денари и тоа:
• за кредитите со рок на отплата од 12 месеци со вклучен грејс период од 6 месеци предвиден е грант од 20% од главницата и
• за кредитите со рок на отплата од 18 месеци со вклучен грејс период од 6 месеци предвиден е грант од 10% од главницата.
Предвремената отплата на кредитот од страна на кредитокорисникот го исклучува правото на грант во целост.
Отпуштањето на долгот ќе се врши од последните рати на кредитот.
Каматна стапка за кредитокорисниците
Каматната стапка за кредитокорисниците се утврдува на 0% на годишно ниво.
РБСМ нема да наплаќа провизија од кредитокорисникот за обработка на кредитните барања.
Обезбедување
Кредитот се обезбедува со меница од кредитокорисникот авалирана од еден од сопствениците на кредитокорисникот, со менична изјава за уредување на правата и обврските по меницата во форма на нотарски акт со извршна клаузула.
Трошоците за воспоставување на обезбедувањето се на товар на кредитокорисникот.
Останато
РБСМ во име и за сметка на Владата на Република Северна Македонија, по одобрување на кредитното барање, ќе склучи договор за кредит со кредитокорисникот.
III. СУБЈЕКТИ КОИ ИМААТ ПРАВО НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА КРЕДИТНО БАРАЊЕ
Право на поднесување на кредитно барање имаат, микро, мали и средни трговски друштва (согласно тековна состојба), трговци поединци и занаетчии кои плаќаат данок на реален приход кои се регистрирани во Република Северна Македонија согласно позитивните прописи и се со основна главнина во приватна сопственост на правни и физички лица од најмалку 51%, согласно Листата на прифатливи класи на дејности за финансирање (дејноста се утврдува согласно приоритетната дејност наведена во Тековната состојба).
Кредитобарателот може да ја провери својата класификација по големина со увид во негова тековна состојба.
IV. ЗАДОЛЖИТЕЛНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Документ без кој нема да се обработува барањето за кредит е Кредитно барање од кредитобарателот, кој е образец објавен на веб страницата на банката и кое ги содржи основните информации на кредитобарателот, износот на кредит кој го бара, инструкции за плаќање и други информации.
Задолжителна документација која кредитобарателот е должен да ја достави на јавниот повик е следната:
1. Кредитно барање (образец објавен на веб страницата на банката),
2. Апликација за регистрација на клиент-правно лице (образец објавен на веб страницата на банката),
3. Изјава за поврзаност со други правни/физички лица (образец објавен на веб страницата на банката),
4. Изјава за постоење својство на носител на јавна функција (образец објавен на веб страницата на банката),
5. Изјава за проверка на кредитна изложеност (образец објавен на веб страницата на банката),
6. ЗП образец (образец за заверен потпис),
7. Доказ за немање на достасани неплатени даноци и придонеси кон државата – Уверение од УЈП (не постара од 31.12.2021 година),
8. Тековна состојба не постара од 6 месеци (од Централен регистар на РСМ),
9. Тековна состојба за вистински сопственик не постара од 6 месеци (од Централен регистар на РСМ),
10. Годишна завршна сметка (со 31.12.2021 г.) (од Централен регистар на РСМ),
11. Доказ дека не е отворена стечајна, односно ликвидациона постапка – Потврда за стечај и Потврда за ликвидација (од Централен регистар на РСМ) не постара од 6 месеци.
V. КРИТЕРИУМИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА СРЕДСТВАТА
Квалификуван кредитокорисник кој ги исполнува критериумите заодобрување на кредит по принципот ,,ПРВ ДОЈДЕН, ПРВ УСЛУЖЕН”.
Кредитните барања се обработуваат хронолошки како што се пристигнати на е-маил [email protected].
VI. ИЗГОТВУВАЊЕ И ПОДНЕСУВАЊЕ НА КРЕДИТНО БАРАЊЕ
Кредитното барање со комплетната документација се доставува исклучиво по електронски пат, на следната е-маил адреса: [email protected].
Доставените кредитни барања се распределуваат автоматизирано, поради што е неопходно да се почитуваат следните правила при аплицирање:
– Во предметот (Subject) на е-маилот со кој се доставува кредитното барање, да биде наведен назив на компанијата, град и правната форма на латиница, на пример: Vardar Berovo DOOEL
– Доколку кредитното барање се доставува во две или повеќе пораки, насловот (Subject) на пораките треба да е ист како во првата порака без дополнителни знаци и додатоци како на пример: 1, 2, vtor del, covid4, kovid, итн.
– Прилозите не треба да надминуваат големина од 8MB и треба да бидат доставени во прилог како .pdf, .zip или .rar формат.
Кредитното барање е задолжителен документ и доставената друга документација нема да биде разгледана додека не се достави Кредитно барање. Кредитното барање мора да биде целосно пополнето.
Кредитното барање и пропратните документи чии обрасци се пропишани од банката, се препорачува да бидат пополнети електронски, на компјутер, или доколку тоа не е возможно да бидат пополнети читко со печатни букви.
Кредитните барања можат да бидат потпишани рачно или со дигитален сертификат.
Кредитобарателот може да поднесе само едно кредитно барање.
VII. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Кредитните барања за јавниот повик се доставуваат 15 дена, со почеток од 11. мај 2022 година од 09:00 часот и завршува на 26. мај 2022 година во 09:00 часот.
Обработката на пристигнатите кредитни барања ќе отпочне по затворање на јавниот повик.
Документите кои се доставуваат на јавниот повик се неповратни.
Неадекватните кредитни барања на неквалификувани кредитокорисници нема да се разгледуваат.
Некомплетните барања за кредит нема да се разгледуваат сè додека не се дополнат.
Пристигнатите документи без Кредитно барање (образец на веб страната на банката) нема да се обработуваат сè додека не се поднесе Кредитното барање.
Банката не сноси никакви трошоци настанати со подготовка, составување и доставување на барањата за кредит, така што учесникот на јавниот повик нема право на надомест на било какви трошоци по основ на учество на овој јавен повик.
Банката ќе ги извести барателите на кредит на коишто им е одобрен кредит врз основа на доставено Кредитно барање, на електронската адреса наведена во Тековната состојба на субјектот.
Банката ќе ги извести кредитобарателите чии кредитни барања се одбиени, со причина за одбивање, на електронската адреса наведена во Тековната состојба на субјектот.
Банката нема да ги известува индивидуално кредитобарателите чии кредитни барања се пристигнати по исцрпување на средствата.
За исцрпување на средствата по објавениот Јавен повик, Банката ќе објави на својата веб страница.
Сите информации и обрасци поврзани со јавниот повик, може да се најдат на веб страната на банката www.mbdp.com.mk.