На кои приходи на странско лице се пресметува и плаќа задржан данок?
Според член 21 од Законот за данок на добивка и член 11 од Правилник за начинот на пресметување и уплатување на данокот на добивка,
Задржувањето на данок се применува на следниве приходи, без оглед дали се исплатени во Република Северна Македонија или во странство: дивиденди, камати, авторски хонорари, приходите од забавни или спортски активности кои се вршат во Република Македонија, приходите од вршење на менаџмент, консалтинг, финансиски услуги и услуги на истражување и развој, приходи од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во Република Македонија, приходи од телекомуникациски услуги помеѓу Република Македонија и странската држава и приход од закуп на недвижности во Република Македонија.
Приход од дивиденди означува добивка од акции, или други права на учество во добивката кои не се побарувања на долгови, како и доходот од други корпоративни права кои по однос на оданочувањето имаат ист третман како и доходот од акциите според законите на државите чиј резидент е друштвото кое врши распределба.
Приход од камата означува доход од побарувања на секаков вид долг, независно од тоа дали е обезбеден со хипотека и дали врз основа на нив се стекнува право на учество во добивката на должникот, и особено доход од обврзници или други должнички хартии од вредност вклучувајќи ги и премиите и наградите на тие хартии од вредност, обврзниците или должничките хартии од вредност, како и секој друг доход поврзан со доходот од пари дадени на заем, (освен приходот од камата од точка 2) и 3) на став 2 од членот 21 на Законот).Казнените камати платени за задоцнети плаќања не се сметаат за камати од овој став.
Приход од авторски хонорари (права) и други права на интелектуална сопственост, подразбира плаќање од било кој вид, примено како плаќање за употреба или право на користење на авторско право за: книжевно, уметничко или научно дело, вклучувајќи ги кинематографските филмови, софтвер, патенти, трговски марки и заштитни знаци, дизајни или модели, планови, тајни формули или постапка, или за информација во врска со индустриските, комерцијалните или научните искуства, кои права се заштитени со правните прописи и обичаи, со кои се регулира нивното стекнување и употреба.
Приход од забавни и спортски активности кои се вршат во Република Македонија, подразбира приходи остварени од организирање и одржување на јавни настапи кои ги вршат организирани групи и поединци исплатени на странски правни лица. Во приходите кои што припаѓаат кон претходно наведените, спаѓаат и надоместоците за: аудиовизуелниуслуги, провизии поврзани со филмска и видео дејност, радио и телевизија, лиценци за дистрибуција на права и хонорари, оркестри и други културни и спортски дејности, котизации и чланарини на културни и спортски организации, исплатени во корист на странското правно лице.
Приход од вршење менаџмент услуги подразбира приход остварен од организирање, планирање, координирање, контролирање и мотивирање, во остварувањето на целите на трговските друштва, односно во остварувањето на одредени економски резултати (профит).
Приход од консалтинг услуги подразбира приход остварен од вршење услуги на служби или организации што се занимаваат со давање на совети и интелектуални услуги во стопански финансиски и технички проекти односно упатства или работи на некој специјален предмет или проект за определен надомест. Под консалтинг услуги се подразбираат и: правни, даночни, сметководствени и ревизорски услуги, кои што странските правни лица ги вршат со надомест за домашните субјекти. Под консалтинг услуги на деловно советување, се смета секој облик на деловно советување или консултација. По исклучок, не се смета за услуга на деловно советување: одржувањето на предавања, семинари, работилници и слични методи на подучување, потоа услуги на инжињери, архитекти и слични услуги кои за резултат имаат пишани документи за постапување (идејни и изведбени проекти, нацрти, упатства и други документиза постапување). За услуги на деловно советување не се сметаат и услугите на посредување и застапување во некоја зделка, како и услугите на користењето на различните бази на податоци.
Приход од вршење на финансиски услуги се смета приходот на странското правно лице остварен од: 1. издадени гаранции и други видови на обезбедувања; 2. камати од финансискиот лизинг; 3. трговија за своја сметка или за сметка на клиентот, било на берза, преку шалтер или на друг пазар, со: инструменти на пазарот на пари (вклучувајки чекови, сметки, потврди за депозити), девизи, деривативни инструменти кои вклучуваат но не се ограничени на фјучери и опции, инструментите на девизниот курс и каматните стапки, вклучувајки ги работите како што се swaps, термински спогодби за камати; преносливи хартии од вредност; други пренос ливи инструменти и финансиски средства вклучувајки ги и златните полуги; 4. учество во издавањето на сите видови хартии од вредност, вклучувајки го и превземањето на ризикот и пласирањето, во својство на агенти, и давањето на услуги во врска со тоа издавање; 5. услуги во врска со пресметката и пребивањето на финансиските средства, вклучувајки ги хартиите од вредност, деривативните производи и другите преносливи инструменти; 6.советодавни, посреднички и други помошни финансиски услуги во врска со сите видови на финансиски услуги, вклучувајки ги референците за кредитна способност и анализа, истражување и советување за инвестиции и портфолија, совети за превземање и преструктуирање и стратегии на претпријатијата; 7.посредување во осигурувањето и реосигурувањето (активности на брокери, осигурителни и брокерски друштва и агенти), консултантските услуги, актуарските услуги и услугите во проценувањето на ризик.
Приход од вршење услуги на истражување и развој е приходот остварен од базни и технички истражувања, лабараториски и други услуги, проекти и елаборати (освен оние кои се однесуваат за инвестиции чија реализација е во тек), услуги на пропаганда, истражување на пазарот, огласување во медиуми, саемски приредби, промоција на производи во странство, анкетирање на јавното мислење. Под услуги на истражувањето на пазарот од овој член, се подразбираат: начин на прибавување на пазарни информации, одредување на карактеристиките на пазарите, мерење на потенцијалот на пазарот, анализа на учеството на пазарот, анализа на продажбата, истражување на трендовите во работењето, краткорочни и долгорочни предвидувања, испитување на понудите на конкуренцијата, истражување на цените, тестирање на нови и на постојни производи на пазарот.
Приход од осигурителни премии од осигурување или реосигурување од ризици во Република Македонија се смета приходот на странското правно лице остварен од: 1) премија по основ на осигурување на живот; 2) премија по основ на неживотно осигурување и 3) премија по основ на реосигурување, освен премија по основ на реосигурување што друштвата за осигурување и реосигурување на Република Македонија, се должни да го извршат во согласност со закон.
Приход од телекомуникациски услуги е приходот од услуги на: обезбедување на јавни фиксни телефонски услуги (локална телефонска комуникација; меѓумесна национална телефонска комуникација и меѓународна телефонска комуникација); обезбедување на јавни мобилни телефонски услуги; обезбедување на јавни услуги на говор преку мрежи со комутација на пакети (интернет протокол и други протоколи); обезбедување на услуги на изнајмени линии; обезбедување на јавни услуги за пренос на податоци; обезбедување на јавни радиокомуникациски услуги и обезбедување на други услуги (обезбедување на јавни услуги на говор преку мрежи со комутација на пакети помеѓу различни оператори и обезбедување на пристап до јавната телефонска мрежа).
Приход од закуп на недвижности во Република Македонија се подразбира приходот којшто го остваруваат нерезидентните правни лица од закуп на недвижен имот во Република Македонија. Под недвижен имот се подразбира земјиште (градежно, земјоделско, шумско) и градежен објект на кој странското правно лице е сопственик согласно закон.
ИЗВОР:
- Член 20 и 21 од Закон за данокот на добивка,
- Член 10 и 11 од Правилник за начинот на пресметување и уплатување на данокот на добивка и начинот на одбегнување на двојното ослободување или двојното оданочување,