Ослободување од данок на добивка при реинвестирање на добивката.
Даночната основа се намалува за износот на извршените вложувања од добивката од претходната година (реинвестирана добивка).
Под реинвестирана добивка се подразбираат извршените инвестициски вложувања од добивката за развојни цели, односно вложувањата во материјални средства (недвижности, постројки и опрема), вклучително и вложувањата во материјални средства набавени преку финансиски лизинг, како и во нематеријални средства (компјутерски софтвер и патенти) за проширување на дејноста на даночниот обврзник, освен вложувања во патнички автомобили, мебел, теписи, аудио визуелни средства, бела техника, уметнички дела од ликовната и применетата уметност и други вложувања кои служат за административни цели.
Средствата кои се стекнати преку реинвестирање на добивката во рок од пет години од денот во кој е извршено инвестициското вложување не треба да се оттуѓуваат. Доколку даночниот обврзник ги отуѓи овие средства, го должи данокот кој го искористил со ослободувањето.
Доколку даночниот обврзник документирано не докаже дека даночното ослободување го искористил за вложувања во материјални средства (недвижности, постројки и опрема) и во нематеријални средства (компјутерски софтвер и патенти) за проширување на дејноста, го должи во петкратен износ данокот кој го искористил како ослободување.