Prasanje

Што претставува промет на добра според законот за ДДВ?

-

Според член 3 од Законот за ДДВ, промет на добра претставува преносот на правото на располагање со движен или недвижен материјален имот.

Како промет на добра се смета:

  1. Прометот на електрична енергија, гас, греење и разладување;
  2. Прометот на добра врз основа на договор за лизинг, според кој правото на сопственост преминува на корисникот на лизингот најдоцна со исплатата на последната рата;
  3. Прометот на добра од консигнационен склад;
  4. Испораката на добра на комисионерот од страна на сопственикот и испораката на добра од страна на комисионерот на примателот на добрата;
  5. Преносот на сопственост на добра врз основа на закон или налог издаден од или во име на орган на јавната власт;
  6. Прометот на добра произведени или составени од материјали или елементи кои ги набавил испорачателот, кај кои не се работи само за додатоци или за други споредни предмети. Истото важи и во случај на изградба на недвижности и
  7. Прометот на добра од страна на закупeцот кон закуподавачот, во случај на инвестициско вложување во објект на закуподавачот извршен од страна на закупецот, освен вложување кое се однесува на тековно (редовно) одржување на објектот, кога објектот се користи за вршење на стопанската дејност на закупецот.

Bo случај на верижен промет кој се однесува на исто добро и каде што правото на располагање со доброто се пренесува директно од првиот испорачател на последниот примател, секој промет во веригата се смета за одделно извршен промет на добра.