Што претставува промет на услуги според законот за ддв?
Според член 6 од Законот за ДДВ, промет на услуги во смисла на законот за ДДВ претставува секоја дејност која не е промет на добра во смисла на член 3 од Законот за ДДВ.
Промет на услуги претставува и:
- Вршењето услуга врз основа на закон или налог издаден од или во име на орган на јавната власт;
- Преземањето обврска за делумно или целосно воздржување од вршење на некоја дејност или да се трпи некое дејствие или состојба;
- Преносот и отстапувањето на авторски права, патенти, лиценци, заштитни знакови и слични права;
- Предавањето на јадења и на пијалаци за консумација на лице место;
- Прометот на услуги од страна на закупeцот кон закуподавачот, во случај на инвестициско вложување во објект на закуподавачот извршен од страна на закупецот, освен вложување кое се однесува на тековно (редовно) одржување на објектот, во случај кога објектот се користи за вршење на стопанската дејност на закупецот;
- Вршењето на телекомуникациски услуги на пренос, емитување или примање на сигнали, зборови, слики и звуци или информации од која било природа преку врска, радио, оптички или други електромагнетни системи, вклучувајќи го и поврзаниот пренос или доделување на правото да се искористи капацитетот за таков пренос, емисија или прием, со вклучување на обезбедувањето пристап до глобалните информативни мрежи и
- Вршење на промет на услуги по електронски пат за: изработка на веб-страници, веб-хостинг, одржување на програми и опрема на далечина, софтвер и негово ажурирање, слики, текст и информации и ставање на располагање на бази на податоци, музика, филмови и игри, вклучувајќи игри на среќа, како и политички, културни, уметнички, спортски, научни и забавни емитувања и настани и настава на далечина.