Prasanje

Како се утврдува место за промет на услуги и како местото на промет на услуги влијае на оданочувањето со ДДВ?

-

Местото на промет на услуги се утврдува со член 14 од Законот за ДДВ. Со утврдување на местото на промет на услуги, утврдуваме и дали при вршењето на одредена услуга треба да пресметаме ДДВ. Притоа, доколку според член 14 од Законот за ДДВ, местото на промет на услуга се смета дека е во државава, во тој случај за извршената услуга треба да се пресмета ДДВ, доколку пак прометот се смета дека е извршен надвор од државата, во тој случај не пресметуваме ДДВ.

Според член 14 од Законот за ДДВ, за цели на одредување на местото на промет на услуги, освен даночните обврзници наведени во членот 9 од овој закон како даночни обврзници ќе се сметаат и лица коишто вршат дејности или извршуваат промет што не е дефиниран како оданочив промет на добра или услуги во смисла на членот 2 од овој закон, односно на секој промет на услуги извршен кон нив.

За место на прометот на услуга кон даночен обврзник, се смета местото, каде што тој даночен обврзник има вистинско седиште. Доколку прометот на услуги се врши кон подружница која даночниот обврзник ја има надвор од местото на вистинското седиште, тогаш како место на промет на услуги се смета местото каде што даночниот обврзник има подружница. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на даночниот обврзник кој е корисник на услугата.

За место на прометот на услуги кон лице што не е даночен обврзник, се смета местото каде што вршителот на прометот на услуги има вистинско седиште. Доколку прометот на услуги се врши од подружницата на вршителот на прометот на услуги, што се наоѓа надвор од неговото вистинско седиште, тогаш седиштето на подружницата се смета за место на прометот на услуги. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на вршителот на прометот на услуги.

Според член 14, став (4) од Законот за ДДВ, по исклучок,  за место на промет на услуга се смета:

  1. Местото на прометот каде услугата е извршена кога се работи за услуги кои се извршени кон лице кое не е даночен обврзник од страна на лице кое врши услуга во име и за сметка на друго лице;
  2. Местото каде што се наоѓа недвижниот имот кога се работи за промет на услуги во врска со недвижен имот, вклучувајќи го и посредувањето при промет со недвижен имот, услугите од страна на експерти и агенти за недвижен имот, проценката на недвижен имот, провизиите за сместување во областа на хотелиерството или слична област како што се сместувачки кампови или локации наменети за кампување кои функционираат како кампови/места за сместување, гарантирање на права за користење на недвижен имот и услуги за подготовка и координација на градежни активности, како што се архитектонски услуги и активности поврзани со надзор на градежни активности;
  3. Местото каде што превозот на патниците се извршува, пропорционално на делницата или дел од истата, по која се извршува превозот кога се работи за превоз на патници;
  4. Mестото каде што превозот на добрата се извршува, пропорционално на делницата или дел од истата, по која се извршува превозот кога се работи за превоз на добра кон лица што не се даночни обврзници;
  5. Местото каде што услугата се извршува за услуги кои се однесуваат на право на влез на културни, уметнички, спортски, научни, едукативни, забавни или слични настани, како што се саеми и изложби, вклучувајќи и помошни услуги поврзани со истите, извршени кон даночен обврзник;
  6. Местото каде што услугата се извршува за услуги кои се однесуваат на обезбедување на услуги и придружни активности во врска со културни, уметнички, спортски, научни, образовни, забавни или слични активности, како што се саеми и изложби, вклучувајќи ги и услугите на организаторите на наведените услуги, кои се извршени кон лице кое не е даночен обврзник;
  7. Местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за помошни превозни услуги како натовар, истовар, претовар, складирање или други услуги кои на вообичаен начин се поврзани со превозот, извршени кон лица кои не се даночни обврзници;
  8. Местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за услуги на процена и работи врз движни материјални добра извршени кон лица кои не се даночни обврзници;
  9. Местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на самото место и кетеринг услуги. По исклучок за место на промет на услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на самото место и кетеринг услуги извршени на брод, авион или воз, се смета местото каде што започнува превозот на лица;
  10. Местото на коешто превозното средство вистински му се става на располагање на корисникот на услугата во случај на краткорочно изнајмување на превозно средство (краткорочно изнајмување на превозно средство се смета поседувањето или користењето на превозното средство во текот на непрекинат временски период не подолг од 30 дена, а кај пловила не подолг од 90 дена) и
  11. Местото каде што корисникот на услугата има вистинско седиште, постојаното живеалиште или престојувалиште кога се работи за изнајмување на превозно средство, освен краткорочното изнајмување, на лице кое не е даночен обврзник.

 

За место на промет на услугите, извршени кон лице кое не е даночен обврзник, се смета местото во коешто корисникот на услугата има вистинско седиште, постојаното живеалиште или престојувалиште, во случај на:

  • пренос и отстапување авторски права, патенти, лиценци, заштитни знакови и други слични права,
  • услуги на полето на рекламата,
  • услуги на советници, инженери, советодавни фирми, адвокати, сметководители и други слични услуги, како и обработка на податоци и давање информации,
  • банкарски и финансиски услуги и услуги на осигурување и реосигурување, освен изнајмувањето сефови,
  • обезбедување персонал,
  • изнајмување движен материјален имот, освен на сите видови превозни средства,
  • услуги за посредување за пристап до системи за природен гас или друга слична мрежа, обезбедување на пристап до мрежата на електрична енергија во случај на загушување на соодветна алокациска единица при доделување на прекуграничните преносни капацитети на интерконективните водови,
  • телекомуникациски услуги,
  • услуги на радио и телевизиско емитување и
  • услуги извршени по електронски пат.