Пресметување на ДДВ, поднесување на ДДВ пријава и исправка на истата

-

Пресметување на данокот на додадена вредност

Според член 40 од Законот за ДДВ, даночниот обврзник го пресметува данокот на додадена вредност (ДДВ) за соодветниот даночен период според вкупно извршениот промет и вкупно примениот промет за кој е даночен должник согласно со членот 32-а од Законот за ДДВ, доколку во тој период настанал даночен долг според членот 31 ставови (1), (2), (3), (4), (5), (6) и (7) на Законот за ДДВ, освен прометот извршен во постапка на присилна наплата или присилно извршување, доколку доверителот непосредно не се стекнува со доброто, согласно со членот 4 став (4) како и во случаите од членот 4 став (5) од Законот за ДДВ. При пресметувањето се земаат предвид исправките според членот 22 ставови (1) и (2) и долгуваните износи според членот 55 став (2) од Законот за ДДВ.

Така пресметаниот ДДВ, се намалува за претходниот данок кој може да се одбие според членовите од 33 до 36 на Законот за ДДВ, а кој се однесува на истиот даночен период, за кој се пресметува данок. При утврдувањето на претходниот данок се земаат предвид исправките според членовите 22 и 37 на Законот за ДДВ.

Ако за целите на оданочување биле решавачки околностите од одредена календарска година, кои можат да се утврдат само привремено во текот на таа календарска година, во тој случај даночниот обврзник е должен да изврши конечна пресметка на даноците во даночната пријава за последниот даночен период од таа календарска година.

При увоз на добра, данокот на додадена вредност го пресметува надлежниот царински орган кој ја спроведува постапката за царинење.

 

Поднесување даночна пријава и периодичен извештајод денарски трансакциски сметки и девизни сметки, како и извештај за извршените промети во случаи на пренесување на даночна обврска

 Според член 41 од Законот за ДДВ, даночниот обврзник е должен за секој даночен период да поднесе даночна пријава во рок од 25 дена по истекот на даночниот период во која сам го пресметува данокот.

Кон даночната пријава (Образец ДДВ 04), за соодветниот даночен период, даночниот обврзник е должен и преку носителот на платниот промет да поднесе периодичен извештај од денарски трансакциски сметки и девизни сметки преку кои го остварува работењето. (Носителите на платниот промет во име на даночните обврзници сами ги доставуваат овие извештаи до даночниот орган.)

Даночната пријава се поднесува во наведениот рок и тогаш кога во соодветниот даночен период даночниот обврзник нема извршено оданочив промет.

Во случај на престанок со вршење на дејност, даночниот обврзник е должен да поднесе даночна пријава во рок од 25 дена по истекот на календарскиот месец во кој престанал со дејноста.

Даночната пријава се поднесува до надлежниот даночен орган кај кого е регистриран даночниот обврзник, преку електронскиот систем на Управата за јавни приходи.

 

Исправки на даночна пријава

Според член 41-а од Законот за ДДВ, доколку даночниот обврзник утврди дека пријавил неточно или нецелосно промети, даноци или претходни даноци во одредена даночна пријава за соодветниот даночен период, должен е да изврши исправка на даночната пријава преку поднесување на нова исправена даночна пријава за тој даночен период и тоа најдоцна до рокот за доставување на годишната сметка. Исправката не се врши преку искажување на разликите во износите, туку преку искажување на целосните износи.

По исклучок, даночниот обврзник е должен да изврши исправка на неточната или нецелосната даночна пријава во последната даночна пријава од календарската година на која се однесува грешката, доколку се работи за повеќе или помалку пријавен данок во дадениот даночен период кој е помал од 1% од пријавениот данок.

 

Извештај за  извршените промети на добрата и услугите од членот 32-а од Законот за ДДВ

Според член 41-б од Законот за ДДВ, даночниот обврзник кој врши промет на добра и услуги за кој даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот согласно со членот 32-а од Законот за ДДВ, има обврска да изготви извештај за извршените промети на добрата и услугите од членот 32-а од Законот за ДДВ.

Даночниот обврзник примател на прометот на добра и услуги за кој е даночен должник согласно со членот 32-а од Законот за ДДВ, има обврска да изготви извештај за примени промети од членот 32-а од Законот за ДДВ.

Даночниот обврзник го доставува извештајот заедно со даночната пријава до Управата за јавни приходи за прометите извршени во периодот за кој се однесува даночната пријава.

 

Според член 42 од Законот за ДДВ, Управата за јавни приходи со решение ќе го утврди данокот на додадена вредност за соодветниот даночен период, ако:

  1. Даночниот обврзник не поднесе даночна пријава во пропишаните рокови;
  2. Данокот не е правилно пресметан, или ако не одговара на реално остварениот промет и
  3. Се утврди со контрола од страна на Управата за јавни приход дека евиденцијата на даночниот обврзник е нецелосна или содржи неточни податоци.