Prasanje

Форма и содржина на фактура, начин на издавање и чување

-

Издавање на Фактура

Според член 53 од Законот за ДДВ, даночниот обврзник е должен на барање да издаде фактура за прометот извршен спрема други даночни обврзници. Фактурата може да се издаде во хартиена или електронска форма.

За фактура се смета секој документ кој го издава даночниот обврзник или друго лице по негов налог за извршениот промет. Како фактура се смета и пресметката, со која даночниот обврзник пресметува одреден оданочив промет извршен спрема него од страна на друг даночен обврзник.

Кога е добиен надоместок само за делумно извршен промет, пред да биде комплетиран прометот, даночниот обврзник издава одвоени фактури за секој делумно извршен промет.

Даночниот обврзник издава фактура за секое плаќање кое го добива однапред (аванс), пред да биде извршен прометот.

При размена на добра или услуги, секој поединечен даночен обврзник издава фактура.

Bo фактури издадени како за оданочив промет, така и за промет ослободен од данок, се врши одделно наведување на прометот. Кога се извршува промет кој е ослободен од данокот, на фактурата се наведува: „данокот на додадена вредност не е пресметан“. Кога примателот на добрата и услугите е даночен должник во случаите од членот 32-а од овој закон, даночниот обврзник кој го врши прометот во фактурата наведува „пренесување на даночна обврска“.

Даночниот обврзник е должен да му достави, односно да му обезбеди фактура на примателот на доброто или корисникот на услугата и да обезбеди примерок од фактурата за сопствената евиденција.

Фактурата се издава на денот на кој бил извршен прометот, a најдоцна во рок од пет работни дена.

Кога се добива надоместок пред да биде извршен прометот, фактурата се издава во истиот ден кога авансното плаќање е добиено, а најдоцна во рокот од 5 работни дена од денот кога авансното плаќање е добиено.

Фактурата мора да ги содржи следниве податоци:

  1. Место, дата на издавање и број;
  2. Име (назив) и адреса на даночниот обврзник кој го извршува прометот и негов даночен број под кој е регистриран за данок на додадена вредност;
  3. Име (назив) и адреса на примателот на доброто или корисникот на услугата;
  4. Ден на извршениот промет;
  5. Количина и опис на прометот;
  6. Износ на надоместокот за извршениот промет, без данокот на додадена вредност;
  7. Применета даночна стапка;
  8. Износ на пресметаниот данок на додадена вредност;
  9. Вкупен износ на надоместокот за извршениот промет и данокот на додадена вредност и
  10. Име, презиме и потпис на овластеното лице за потпишување на фактури кај издавачот на фактурата.

Фактурата издадена во електронска форма не треба да содржи печат на издавачот на фактурата.

 

Фактура со сериски број за користење на даночно ослободување од член 24-а од Законот за ДДВ

Според член 53-а од Законот за ДДВ, за користење на даночното ослободување од членот 24-а од Законот за ДДВ, даночниот обврзник е должен да издаде фактура која содржи сериски број доделен од страна на Управата за јавни приходи. Даночниот обврзник пред да ја издаде фактурата, за користење на даночното ослободување мора да го пријави прометот, по електронски пат до даночниот орган.

Примателот на прометот е должен да води евиденција за примените фактури од ставот (1) на овој член по даночен обврзник. Во евиденцијата се внесуваат и примените фактури од даночен обврзник кој нема ниту седиште, ниту подружница во Република Македонија, за промети за кои е користено даночното ослободување од членот 24-а став (3) од овој закон.

Примателот на прометот е должен да води евиденција за примените фактури од ставот (1) на овој член по даночен обврзник. Во евиденцијата се внесуваат и примените фактури од даночен обврзник кој нема ниту седиште, ниту подружница во Република Македонија, за промети за кои е користено даночното ослободување од членот 24-а став (3) од овој закон.

Примателот на прометот доставува по електронски пат податоци од евиденцијата од ставот (4) на овој член за секое календарско тримесечје, до даночниот орган, најдоцна до 25 во месецот по завршување на секое календарско тримесечје.

 

Фактура издадена во електронска форма

Според член 53-б од Законот за ДДВ, за фактура издадена во електронска форма се смета фактурата која е издадена како електронски документ.

Примателот на фактура дава согласност со своја експлицитно изразена волја во хартиена форма дека приемот на фактурите ќе го извршува во електронска форма.

Фактурата во електронска форма мора да ги задоволи следните барања:

  • да биде обезбедена автентичноста на потеклото на фактурата на начин што примателот на фактурата може недвосмислено да утврди дека таа фактура е испратена од издавачот на фактурата,
  • да биде обезбеден интегритетот на содржината на фактурата на начин што применетата технологија и процедури да оневозможуваат промена на податоците во фактурата,
  • да биде обезбедена читливост на фактурата, односно визуелна и разбирлива слика на издадената фактура на компјутерскиот екран или други електронски уреди на еднаков начин како и на хартија.

Електронските фактури се потпишуваат со примена на електронски потпис, кој е заснован на квалификуван сертификат кој е уреден со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

 

Издавање на фискална сметка

Според член 54 од Законот за ДДВ, даночни обврзници кои извршуваат оданочив промет спрема приматели на добра или корисници на услуги кои не се даночни обврзници (крајни потрошувачи), или спрема даночните обврзници кои според член 53 став 1 на овој закон не бараат фактура, должни се прометот да го евидентираат преку наплатен уред (регистар-каса) и да издадат сметка, без оглед дали примателот на доброто или корисникот на услугата тоа го бара.

За сметка се смета исечок од касената лента, парагон блок или сличен документ и истиот мора да ги содржи следниве податоци:

  1. Место, дата на издавање и број;
  2. Име и адреса на даночниот обврзник кој го извршува прометот и неговиот даночен број под кој е регистриран за данок на додадена вредност;
  3. Количина и опис на прометот и
  4. Вкупен износ со данокот на додадена вредност.

Обврската за издавање на фискална сметка од став 1 на овој член не се однесува за прометот на дневен печат, тутунски преработки, како и за прометот на пазарите и на отворените простори.

 

Искажување на ДДВ во фактура од страна на даночни обврзници кои за тоа не се овластени

Според член 55 од Законот за ДДВ, ако некое лице во фактурата го искаже одделно данокот на додадена вредност иако за тоа не е овластено, тогаш го должи искажаниот износ. Износот на данокот се плаќа во рок од пет работни дена, по издавањето на фактурата.

Ако даночниот обврзник во фактурата за извршениот промет искаже одделно поголем данок од износот кој според овој закон го должи, лицето ќе го должи и вишокот на данокот. Ова не се применува ако се изврши исправка на данокот.

 

Чување на фактури и документи издадени врз основа на Законот за ДДВ

Фактурите и другите документи издадени во согласност со овој закон, како и деловните книги на даночните обврзници се чуваат најмалку пет години по истек на календарската година, за која се однесуваат.

Фактурите кои се издадени во електронска форма се чуваат во оригиналната форма во која се издадени, односно примени.

Автентичноста на потеклото и интегритетот на содржината на фактурите кои се чуваат, како и нивната читливост, мора да бидат обезбедени од моментот на издавање до истекот на рокот од 5 години по истек на календарската година, за која се однесуваат.

Издавачот и примателот на фактурата во електронска форма се должни да обезбедат и чуваат релевантни информации во врска со издавањето и приемот на фактурата преку кои може со сигурност да се утврди автентичноста на потеклото и интегритетот на содржината во наведениот рок од 5 години.

Фактурите без разлика на формата во која се издадени се чуваат на територијата на Република Македонија.

Bo случај на жалба во согласност со член 58 на овој закон, рокот од став 1 на овој член почнува да тече од завршувањето на жалбената постапка.