Prasanje

Кој има право на враќање на данокот на додадена вредност и под кои услови?

-

Враќање на данокот на додадена вредност

Според член 45 од Законот за ДДВ, ако износот на претходниот данок во одреден даночен период е поголем од износот на данокот кој е пресметан за прометот кој го извршил, како и за прометот за кои тој е даночен должник според членот 32-а од овој закон, разликата му се враќа на даночниот обврзник врз основа на негово барање кое го искажува во даночната пријава ДДВ-04. Ако даночниот обврзник не искаже барање за враќање на разликата искажана во даночната пријава, таквата разлика се пренесува како даночна аконтација за следниот даночен период.

Разликата на данокот се враќа во рок од 30 дена по денот на поднесувањето на даночната пријава ДДВ-04.

Доколку надлежниот даночен орган е оневозможен да изврши контрола на даночната пријава по вина на даночниот обврзник, рокот почнува да тече дури откако се создадени услови за спроведување на контролата.

Неплатените даноци (данок на додадена вредност и други даноци) на даночниот обврзник, како и казнените камати за нив се пребиваат со побарувањата за исплата на ДДВ.

Кога данокот на додадена вредност при увозот е пресметан и наплатен на добра кои се ослободени од данокот, или кога се наплаќа поголем данок од износот кој според овој закон се должи, наплатениот данок, односно повеќе наплатениот данок му се враќа на лицето кое нема или има делумно право да го одбие претходниот данок, во рокот од став 2 на овој член.

 

Враќање на ДДВ на непрофитните организации

Според член 47 од Законот за ДДВ, нa непрофитните организации им се одобрува, по барање, враќање на данокот за промет на добра и за увозот реализиран спрема нив под следниве услови:

  1. Прометот или увозот да не биле ослободени од данок.
  2. Данокот на додадена вредност за извршениот промет на добра мора да е посебно искажан во фактурата во смисла на член 53 на Законот за ДДВ и да бил платен со плаќањето на купопродажната цена.
  3. Данокот долгуван за увозот мора да е платен и
  4. Добрата мора да се пренесени во странство и таму да се користат за хуманитарни, добротворни или образовни цели.

 

Враќање на ДДВ на странското дипломатско или конзуларно претставништво

Според член 48 од Законот за ДДВ, доколку странското дипломатско или конзуларно претставништво набави добра или користи услуги за службени потреби, на барање на претставништвото ќе му се изврши враќање на данокот на додадена вредност, доколку е платена фактурата и доколку во истата е одделно искажан данокот на додадена вредност од страна на даночниот обврзник според членот 53 од овој закон. Враќањето се врши врз основа на посебни спогодби склучени со државата-испраќач, во согласност со условите на реципроцитет. Враќањето ќе се одбие, доколку износот на поединечна фактурата не надминува 9.000 денари, вклучувајки го данокот на додадена вредност. Барањето за враќање се поднесува најдоцна во рок од шест месеци по истекот на календарската година во која е извршен прометот кон подносителот на барањето.

Во согласност со ставот (1) на овој член, враќањето на данокот на додадена вредност му се одобрува и на шефот на дипломатското претставништво, на членовите на дипломатскиот персонал на странското дипломатско претставништво, на конзуларните функционери, на членовите на административниот и техничкиот персонал на дипломатски и конзуларни претставништва кои не се државјани во земјата или немаат постојано престојувалиште во земјата како и на нивните брачни другари, доколку овие лица стекнале добра или користеле услуги за лични потреби или за потреби на членовите на семејствата кои ги сочинуваат нивните домаќинства. Во тој случај, враќањето се ограничува на вкупен износ од 000 денари за соодветната календарска година. При набавката на моторно возило, враќањето на данокот се одобрува еднаш во три години, освен во случаите на неопходна набавка на ново возило како замена за старото, после настаната кражба или тешко оштетување. Данокот на додадена вредност за ваквата набавка не се засметува кон максималниот износ за враќање од 50.000 денари.

При набавката на моторно возило како замена за старото пред истекот на три години по набавката на заменетото моторно возило, износот за враќање се намалува, земајќи го притоа предвид остатокот од вредноста на заменетото моторно возило, доколку за ваквата набавка било одобрено враќањето на данокот.

 

Враќање на ДДВ на меѓународни организации и нивни претставници.

Данокот на додадена вредност ќе им се врати, на барање, на меѓународните организации и нивните членови за прометот на добра или услуги извршени спрема нив, според условите и ограничувањата утврдени со меѓународни спогодби. Барањето за враќање се поднесува најдоцна во рок од пет години по истекот на календарската година во која е извршен прометот кон подносителот на барањето