Prasanje

Регистрација за целите на ДДВ

-

Регистрација за целите на ДДВ

Според член 51 од Законот за ДДВ, сите даночни обврзници, чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ од 2000000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината го надмине износот обврзани се за регистрација за данокот на додадена вредност. Обврската за регистрација за данокот на додадена вредност не се однесува за даночни обврзници во смисла на член 32 точка 4 и член 46 од Законот за ДДВ.

Вкупен промет претставува збир на прометот што го направил обврзникот во текот на календарската година и кој е предмет на оданочување, вклучувајќи го и данокот кој отпаѓа на него, освен прометот ослободен од данок без право на одбивка на претходниот данок. Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, фактичкиот вкупен промет се пресметува на ниво на вкупен промет за целата календарска година.

Даночни обврзници резиденти во земјата кои не се обврзани за регистрација, не должат данок на додадена вредност за прометот на добра и услуги извршени од нив. Тие не се овластени одделно да искажуваат данок во фактурите или во други документи и немаат право на одбиток на претходни даноци.

Даночните обврзници, можат доброволно да се регистрираат за данокот на додадена вредност од почетокот на секоја календарска година. Рокот за регистрација е до 15 јануари во тековната година.

За регистрација за ДДВ, даночните обврзници се обврзани да поднесат пријава за регистрација за данокот на додадена вредност до Управата за јавнип риходи. Регистрацијата за целите на ДДВ се врши со поднесување на Барање за регистрација (Образец ДДВ-01).

Даночните обврзници , пријавата за регистрација за данокот на додадена вредност, можат да ја поднесат и преку Централниот регистар на Република Македонија, во постапката за основање на правен субјект.

Надлежниот даночен орган го врши уписот во регистарот на обврзници на данокот на додадена вредност од почетокот на тековната календарска година и притоа им издава на даночните обврзници решение. Ако даночниот обврзник започнал да ја врши својата дејност во текот на календарската година, регистрацијата се врши со започнувањето на вршењето на дејноста. Под започнување на вршење на дејноста се подразбира првото вршење на активност на даночниот обврзник како прва извршена набавка на добра (основни средства, трговска стока и друго), користена услуга (закуп, истражување на пазар и друго) и извршен промет на добра или услуга. Ако во текот на годината даночниот обврзник го надмине износот на остварен вкупен промет од 2.000.000 денари, регистрацијата се врши по истекот на месецот кога е остварен прометот.

Даночните обврзници кои се регистрирале за целите на ДДВ, остануваат регистрирани ДДВ обврзници најмалку во рок од три календарски години, независно од висината на вкупниот промет. Доколку вкупниот промет во третата календарска година не го надминува износот од 2000000 денари, даночниот обврзник може по истекот на рокот да поднесе пријава за отповикување на регистрацијата за данок на додадена вредност до надлежниот даночен орган, кој му издава решение за бришење од регистарот на обврзници за данокот на додадена вредност.

По исклучок, прекинувањето на регистрацијата може да се оствари во покус рок од три календарски години, а со донесување на решение од надлежниот даночен орган.

Надлежниот даночен орган може да изврши прекинување на регистрацијата кога:

а) во претходната календарска година даночниот обврзник поднесува даночни пријави без искажување на данок за извршен промет и без искажување претходен данок за одбивање;

б) во двете претходни календарски години даночниот обврзник поднесува даночни пријави без искажување на данок за извршен промет, со исклучок на случаите кога во истите периоди во даночните пријави искажува само промет ослободен од данок со право на одбивка или претходен данок кој произлегува од промет на инвестициони добра извршен кон даночниот обврзник или увезени од него;

в) даночниот обврзник не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности;

г) даночниот обврзник не поднесува даночна пријава и тоа за најмалку два даночни периоди кај месечните и тримесечните даночни обврзници;

д) кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување;

ѓ) ќе настапат случаите од членот 9-а ставови (1) и (2) на Законот за ДДВ.

Даночните обврзници кои исполниле услови за регистрација за целите на ДДВ (задолжителна регистрација) и оние кои сакаат доброволно да се регистрираат за целите на ДДВ (доброволна регистрација)  ја поднесуваат пријавата најдоцна до 15 јануари во тековната година. Ако даночниот обврзник започнал со вршењето на својата дејност во текот на календарската година, пријавата се поднесува во рок од 15 дена од почетокот од вршењето на дејноста. Ако во текот на годината се надмине износот на остварен вкупен промет од 2000000 денари, даночниот обврзник ја поднесува пријавата најдоцна до 15 во месецот кој следи по месецот кога е остварен прометот.

Пријавата за престанок на регистрацијата за данокот на додадена вредност, даночните обврзници ја поднесуваат најдоцна до 15 јануари во годината од која сакаат да престанат да бидат регистрирани за данокот на додадена вредност.

По исклучок, на барање на даночниот обврзник, надлежниот даночен орган ќе изврши прекинување на регистрацијата кога во секоја од двете претходни календарски години даночниот обврзник поднесува даночни пријави со вкупен промет кој не го надминува износот од 2000000 денари и во секоја од двете претходни календарски години во даночните пријави нема искажано претходен данок за одбивање.

Надлежниот даночен орган може да одбие да го регистрира даночниот обврзник кој започнува да врши дејност и даночниот обврзник кој доброволно се пријавил за регистрација, доколку:

а) не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности;

б) не може да ја докаже реалната намера да врши дејност или

в) кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување.

Решение за регистрација за целите на ДДВ

Според член 51-а од Законот за ДДВ, Управата за јавни приходи по пријавата за регистрација за данок на додадена вредност или пријавата за отповикување на регистрацијата за данок на додадена вредност, донесува решение во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на пријавата

 

Според член 51-б од Законот за ДДВ, управата за јавни приходи доделува посебен даночен број (во натамошниот текст: ДДВ даночен број) заради идентификација на одредени состојби или групирања на даночни обврзници со кој не се означува посебен правен статус, туку форма на дејствување за цели на данокот на додадена вредност.

ДДВ даночен број, претставува единствена идентификациска ознака на податоците на даночниот обврзник за цели на водење на евиденција за остварување на права и обврски на даночниот обврзник за цели на данок на додадена вредност.

Управата за јавни приходи доделува ДДВ даночен број заради идентификација и регистрација на:

    • даночен обврзник регистриран за цели на данокот на додадена вредност и
    • поврзано лице за цели на данокот на додадена вредност.