За кои видови на промет се применува механизмот – пренесување на даночна обврска или reverse charge
Според член 32-а од Законот за ДДВ, механизмот – пренесување на даночна обврска или reverse charge се применува единствено помеѓу регистрирани ДДВ обврзници за прометот со следните добра и услуги:
- градење, вклучувајќи одржување, реконструкција и отстранување на градби или нивни делови, кога примател на прометот е инвеститорот, а вршителот на прометот е изведувачот на работите и во случај кога примател на прометот е изведувачот, а вршител на прометот е подизведувачот на работите, согласно со законот со кој се уредува градењето ;
- прометот со употребен материјал и употребен материјал кој не може повторно да се користи во иста состојба, отпад, индустриски и неиндустриски отпадни материјали, отпаден материјал кој може да се рециклира, делумно преработен отпад и
- пренос на движен и недвижен имот во постапка на присилна наплата согласно со Законот за даночна постапка и во постапка за присилно извршување согласно со Законот за извршување, кога доверителот се стекнува со доброто.
Добрата и услугите на кои се применува наведеното оданочување, се определени со Одлука на Влада.
ДДВ Обврзникот кон кого се врши промет е даночен должник и во случај на плаќање кое го врши однапред (аванс), пред да биде извршен прометот на добрата и услугите според механизмот reverse-charge.